„Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин коешто стигнува. Нормално, така постапува одговорна влада“, изјави премиерот прашан дали го добил писмото што до него го испратил претседателот на ДУИ, Али Ахмети
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претпладнево изјави дека сè уште не го добил писмото што денеска до него го испратил претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во кое тој изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд и за непочитувањето на Охридскиот договор.

„Не, не сум го добил писмото, не сум го видел. Кога ќе го добијам, ќе го коментирам. Дневно добивам многу писма и пораки коишто ги читам“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увид во работата на автопатската делница Гостивар-Букојчани во рамки на Коридорот 8.
Во оваа смисла рече дека во комуникацијата со граѓаните пристапува со големо внимание.
„Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин коешто стигнува. Нормално, така постапува одговорна влада. Како што кажа вицепрмеиерот Меџити, ние не играме фудбалчиња, ние сме одговорни“,
додаде премиерот.
Прашан за коментар во врска со писмото кое Ахмети го испратил до Мицкоски, денеска на истиот настан се произнесе и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
„Тука денеска не сме за писма и празни муабети ниту да играме фудбал. Доста се изнаслушавме во минатото. Тука сме за конкретна, значајна работа, а тоа е Коридорот 8 и среќен сум што динамиката е во полн ек за реализација на овој важен проект за државата“,
изјави Меџити во одговор на новинарски прашања по увидот во работата на автопатската делница Гостивар-Букојчани.
Од партијата на Али Ахмети претходно денеска информираа дека првиот интегративец испратил писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразил загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд за „укинување на клучните механизми за заштита на заедниците“ и нивното влијание врз, како што вели, меѓуетничката кохезија и одржливост на земјата.
Ахмети предупредува дека во актуелната комплексна геополитичка состојба во светот и регионот, за која оцени дека е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало, како што вели, сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.
