Премиерот кажа дека работата на Африм Гаши во парламентот, начинот на кој тој се однесува како спикер и како ги води седниците се сериозно различно однесување од она што го правел неговиот претходник Талат Џафери
Не гледаме причина за интерпелација на спикерот Африм Гаши и нема да ја поддржиме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски изнесувајќи ја позицијата на ВМРО-ДПМНЕ по однос на барањето за интерпелација на собранискиот претседател кое го поднесе Левица, а кое го поддржаа и од СДСМ.
Премиерот кажа дека работата на Африм Гаши во парламентот, начинот на кој тој се однесува како спикер и како ги води седниците се сериозно различно однесување од она што го правел неговиот претходник Талат Џафери.
„Коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица претпоставувам имаат свои мотиви зошто поднесуваат ваков тип интерпелација. Претпоставувам на оваа коалиција СДСМ-ДУИ-Левица политичари од рангот на Артан Груби, Талат Џафери, Бујар Османи, Али Ахмети им е подобра отколку сегашната состојба, но јас не мислам дека е така и затоа нема да поддржиме ваков тип на интерпелација“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, која ја поднесоа пратениците на Левица, е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за 3 септември. Во барањето за интерпелација поднесено од Левица се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички.