Премиерот изрази надеж дека процесот на евроинтеграција на земјава конечно ќе биде откочен, со голема поддршка од Унгарија
Кога зборувам за македонската европска, сага сакам да ја пренесам фрустрацијата што ја чувствуваат сите граѓани и сето она што граѓаните мораат да го направат во името на таа иднина, а за возврат да добијат речиси ништо бидејќи се наоѓаат онаму каде што бевме пред 20 години, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за патот на земјава кон ЕУ, на заедничката прес-конференција со својот унгарски колега Виктор Орбан во Будимпешта.
Мицкоски рече дека како држава сме направиле многу, дури и на штета на македонскиот идентитет, но, како што нагласи, мора да останеме оптимисти и да се бориме и во иднина.

„Мора да ја реализираме таа наша цел иако сме свесни дека тука има и малку домашна вина бидејќи нашите домашни корумпирани политичари, мислејќи дека Брисел ќе им ги заборави корупцијата и криминалот и уништувањето на државата со тоа што ќе потпишуваат и ќе прифаќаат сè што ќе им биде ставено на маса, влегуваа во таков занес и ја влошуваа преговарачката позиција од месец во месец, од година во година. Оваа влада нема да прави компромиси со таков тип прашања“,
нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека тие како Влада ќе ги почитуваат своите преземени обврски, но исто така нагласи дека бараат и другите кои имаат преземено обврски, „без разлика на нивната големина, без разлика дали се дел од ЕУ или не се, да ги почитуваат своите преземени обврски“.
„Само така можеме да одиме напред и само така можеме да бидеме вистински пријатели, кога двете страни ќе се почитуваат. Кога едната страна почитува, а другата не, тоа не е пријателство“,
додаде Мицкоски.
Тој изрази надеж дека процесот на евроинтеграција на земјава конечно ќе биде откочен, со голема поддршка од Унгарија.
„Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен, со голема поддршка од нашата пријателска Унгарија и дека ние како држава ќе почнеме да преговараме, а јас сум убеден дека многу скоро доколку имаме можност да ги започнеме тие преговори на основа на вистински Копенхашките критериуми да ги завршиме успешно и да бидеме дел од ЕУ“,
истакна премиерот.
Унгарскиот премиер го нарече срамно бавното придвижување на земјава кон ЕУ, а за таквиот исход од евроинтеграциите ги обвини земјите членки на Унијата.