Според Касами, работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови

ФОТО: Фејсбук-профил на Биљал Касами
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, најави дека работната група за преименување на улици во општината ќе продолжи да работи и покрај тоа што советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека целосно се повлекува од секоја структура и тело што работи на оваа постапка.
Според Касами, работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови.
„Работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови, а сè додека процесот е во рамките на законот и Уставот ќе продолжи. Не сакам уште еднаш да се политизира за тоа што реков. Јас сум заинтересиран во Тетово секоја улица да има име и секоја куќа да има број“,
рече Касами на денешната средба со новинарите.
Тетовскиот градоначалник одговарајќи на новинарски прашања повторно одбегна одговор за тоа колку се долговите на Општина Тетово, а се правдаше дека за тоа се потребни информации од централните институции како Народна Банка и Министерство за финансии.
Тој информираше дека парите од унгарската Експорт-импорт банка за општински проекти треба наскоро бидат на располагање.
„Според најавите, парите треба да легнат на државната сметка до крајот на неделава. Еден од проектите е главниот цевковод, пола од тој проект ќе се реализира со овој кредит, за кој веќе се завршени сите процедури. Кога ќе се подобрат временските услови, операторот кој го има добиено тендерот ќе треба да излезе на терен и да ги почне градежните работи, а за другиот дел од водоводот имаме грант од министерството животна средина“,
рече Касами.
Градоначалникот рече дека до крајот на март како општина ќе завршат и со пријавувањето за кредитот од унгарската Експорт-импорт банка за средства предвидени за 2025 година.
Општина Тетово на 10 февруари го објави повикот за прибирање предлози за преименување на улици што веќе имаат определено име и именување на новите улици. Јавниот повик е објавен на веб-страницата на општина Тетово, а ќе трае еден месец, односно до 10 март годинава.
Општина Тетово реши дека треба да им стави имиња на 216 улици што сега имаат број или немаат ниту број ниту име. Покрај ова, според градоначалникот Биљал Касами, намерата е да се сменат и некои актуелни имиња на улици, за што, како што вели тој, треба да одлучи формираната комисија.
Касами смета дека имињата на улиците треба да бидат во согласност со новиот демократски концепт, а не да бидат заложници на минато време и систем.
По ова се огласија од тетовскиот Сојуз на борците од НОБ кои рекоа дека до Уставниот суд во Скопје поднеле иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлука на Советот на Општина Тетово од 24 април 2007 година, која се однесува на промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
Во Тетово веќе имаше обид за преименување на некои улици во 2007 година. Обид, затоа што технички постапката не заврши до крај. Сите советници гласаа „за“, но Владата никогаш не даде согласност за новите имиња.
