„Значајно е дека дел од инвестицијата е и центар за истражување и развој, што дава голема додадена вредност и ќе значи ангажирање високостручни работници“, рече премиерот
Германската компанија „Епсотек“ во партнерство со белгиски АИМ ќе инвестира во земјава во изградба на нов производствен погон, информира утрово на својот фејсбук-профил премиерот Христијан Мицкоски најавувајќи влез на нова германско-белгиска инвестиција во државата.
„За оваа инвестиција ќе бидат вложени 20 милиони евра. Објектот ќе биде лоциран во Општина Петровец, надвор од технолошко-развојните зони и во него ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија“,
напиша Мицкоски.
Со градежни активности, како што напиша премиерот, се започнува на крајот на август годинава, а за една година, според него, се планира вработување на повеќе од 110 граѓани.
„Значајно е дека дел од инвестицијата е и центар за истражување и развој, што дава голема додадена вредност и ќе значи ангажирање на високостручни работници“,
рече тој.
Власта наследила, како што рече Мицкоски, држава во кома, па сега, додаде дека работат со целата енергија за да се врати надежта кај граѓаните.
„Инвестициите се решението за подобар живот за граѓаните“,
вели премиерот.
На крајот на минатиот месец новата влада предводена од Христијан Мицкоски го најави првиот голем проект, изградба на ветерен парк, кој треба да почне да се реализира на почетокот на 2026 година.