Станува збор за голема странска инвестиција која, како што кажа мандатарот за состав на новата влада на првата панел-дискусија на Македонскиот енергетски форум, треба да овозможи производство на приближно еден терават-час електрична енергија, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД), Анџела Агелер, која се обрати на отворањето на Форумот, порача дека енергетската сигурност и зелената енергија се двата приоритета кои ќе треба да ги надминат партиските политики во земјава. Според неа, земјава треба да го заврши грчко-македонскиот гасовод кој ќе ги елиминира, како што рече, зависноста од Русија и заканите од одредени прекини во снабдувањето со гас
Мандатарот за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, денеска како учесник на 7. Македонски енергетски форум (МЕФ) најави нов ветерен парк за производство на електрична енергија меѓу Карбинци, Штип и Радовиш кој, како што рече, ќе биде една од првите странски што ќе ги обезбеди новата влада.

Мицкоски ова го соопшти на првата панел-дискусија во рамките на Форумот откако претходно имаше и свое обраќање на неговото отворање.
Во однос на ветерниот парк, тој рече дека станува збор за голема странска инвестиција која треба да овозможи производство на приближно еден терават-час електрична енергија, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава.
„Очекуваме први странски директни инвестиции во земјата со новата влада со фокус на секторот енергетика, со инсталирање на нова ветерна фарма што ќе биде во источниот дел од земјата помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш, три општини на истокот. Ќе биде голема инвестиција колку што сум информиран и со податоците со кои располагам во моментов се предвидува производство на електрична енергија од приближно еден терават-час, што е еден милион мегават часови, што е приближно 20 проценти од целокупното производство на електрична енергија во земјава. И ова би било прва директна странска инвестиција која ќе ја објави новата влада во Македонија“,
рече Мицкоски на панелот.
Мицкоски: Енергетската транзиција бара прецизни планови и конкретни одредници
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада на панел-дискусијата се осврна на повеќе прашања во врска со енергетската транзиција на земјава.
Според него, во енергетиката не се возможни брзи резултати и оти мора да се има предвид реалноста и да се работи врз основа на прецизни планови со конкретни одредници.
Во тој контекст Мицкоски го посочи социјалното влијание на енергетската транзиција, односно како таа ќе влијае на луѓето кои се веќе ангажирани во производствените капацитети кои користат јаглен за производство на електрична енергија.
Кога се работи за енергетската транзиција, рече тој, треба да се има предвид дека треба да се има предвид дека станува збор за сложен и многу скап процес и дека секогаш кога се исклучува реалноста правиме грешки.
„За жал, која е реалноста? Нашата земја е сиромашна, па вистинското прашање е – дали Македонија може да си дозволи енергетска транзиција за толку краток период без да добие поддршка од надвор? Дали имаме човечки капацитет за таква транзиција и дали нашиот систем може да си ја дозволи? Кога зборувам за социјалното влијание од енергетската транзиција, зборувам за иднината на луѓето кои се веќе ангажирани во нашите производствени капацитети кои користат јаглен, произведуваат електрична енергија. Не треба тука да се занемари фактот дека моментно повеќе од 4 000 семејства зависат од производството на електрична енергија од термоелектраните, термоелектраната во Битола и Осломеј“,
рече Мицкоски.

Ако се затворат тие производствени капацитети, кажа тој, прво што ќе изгубиме е примарното производство што е многу важно за нашиот систем и ќе се соочиме со огромен предизвик како пред неколку години, бидејќи, како што додаде, без примарно производство побарувачката за струја ќе расте.
„Јас сум инженер и не сум убеден дека за 365 дена може да имаме стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори. Тука не зборувам само за домаќинствата, туку и за економијата, зашто побарувачката на стопанството, на економијата е важно. Треба да имаме стабилно и одржливо снабдување со електрична енергија ако сакаме да расте економијата, во спротивно би оделе наназад и би се соочиле со одлив на мозоци како што се случува сега, осум од десет мои студенти си одат надвор, бидејќи тука не гледаат никаква перспектива и ова е огромен предизвик за нас како влада да реализираме нешто материјално и опипливо, инаку би оделе во спротивна насока и наназад и за жал нема да има надеж“,
рече Мицкоски.
Тој кажа дека производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е нашиот фокус, но процесот, според него, треба да се одвива чекор по чекор бидејќи брзи резултати не се возможни.
„За тоа е потребно време и тоа треба да го имаме предвид, инаку нема да успееме“,
рече Мицкоски.
Тој и во оваа можност укажа дека без владеење на правото нема развој.
„Тоа е првиот столб. Ако се избегнува владеењето на правото, развојот на земјата не би бил возможен, така што двојни стандарди не се возможни“,
мандатарот за состав на новата влада.
С Македонија треба да го заврши поврзувањето со грчкиот гасовод, вели Агелер
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД), Анџела Агелер, која исто така се обрати на отворањето на Македонскиот енергетски форум, порача дека енергетската сигурност и зелената енергија се двата приоритета кои ќе треба да ги надминат партиските политики во земјава.

Американската амбасадорка рече дека Северна Македонија во голема мера закрепнала од неодржливото енергетско опкружување, но и дека допрва претстојат вистински предизвици. Според неа, земјава треба да го заврши грчко-македонскиот гасовод кој ќе ги елиминира, како што рече, зависноста од Русија и заканите од одредени прекини во снабдувањето.
„Со интерконекторот Северна Македонија ќе може да гради централи со погон на гас и да ја олесни транзицијата од јаглен кон други извори“,
рече Агелер потсетувајќи дека земјава ја има поддршката од САД за спроведување на зелената транзиција.
Во дел од своето обраќање на отворањето на Форумот, Мицкоски се осврна на пораките од Агелер посочувајќи дека поврзувањето на македонскиот и грчкиот гасовод нема да ја „комплетира сликата“ доколку не се направат дополнителни интерконектори коишто ќе го поврзат македонскиот со српскиот гасовод, а понатаму и до Централна и Централноисточна Европа што, како што кажа, ќе донесе нови гасоводи кои ќе го снабдуваат европскиот пазар.
„Така што ова е голема можност Македонија да биде значаен играч не само на пазарот на електрична енергија туку и во снабдувањето со гас. Ова ќе биде особено важно за македонскиот енергетски пазар земајќи предвид колкава е регионалната, не само локалната важност“,
рече Мицкоски.