Поставувањето на врвен професионалец на чело на МВР без ниту една дамка во кариерата не е природна средина за челниците на Власта. Наместо ова да биде правило во нормална држава, ваквиот предлог се доживува за исклучок, и затоа е голем отпорот во власта, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Во статусот, Мицкоски не се осврнува и на членот 97 од Уставот во кој е пропишано дека:
„Со органите на државната управа во областа на одбрната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“,
пропишува член 97 од Уставот
Ковачки, како полковник во АРМ, не може да биде избран за министер за внатрешни работи, изјавија уште вчера за „360 Степени“ и асистентот по уставно право Денис Прешова но и универзитетската професорка и советник на Мицкоски, Гордана Силјановска-Давкова. Но и двајцата додоа дека и покрај тоа, во изминативе две децении има неколку примери кои биле преседан во однос на членот 97 од Уставот.
Полковникот Драган Ковачки, беше актуелен во јавноста во уште еден наврат годинава. Тој беше меѓу неколкуте спорни унапредувања кои Иванов ги потпиша во предизборниот период. Затоа, новиот шеф на државата и Врховен командант Стево Пендаровски потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата. Така, Ковачки беше разрешен од позицијата на која го постави Иванов – командант на 1. Механизирана бригада.