На предлогот на министерот за надворешни работи Бујар Османи партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на патот кон ЕУ, Мицкоски рече дека не гледа сериозен соговорник од другата страна на кој би можел да се потпре и во кој би можел да има доверба
ВМРО-ДПМНЕ ќе почека да види како ќе се одвиваат работите во Владата, па потоа ќе донесе одлука дали ќе ѝ подаде рака на власта за евроинтеграцискиот процес, изјави денеска лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски и додаде дека немаат доверба „во соговорникот од другата страна“ и дека власта доцни три години со своите намери. Ваквата изјава на Мицкоски доаѓа по предлогот на министерот за надворешни работи Бујар Османи за нов рамковен договор за ЕУ. Османи упати апел до опозицијата што поскоро сите заедно да седнат на заедничка маса и партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на патот кон ЕУ.
„Не гледам сериозен соговорник од другата страна на кој би можел да се потпрам и во кој би можел да имам доверба. Затоа велам, да почекаме, да видиме како ќе се развиваат работите во Владата, па дури потоа да видиме со какви соговорници можеме да соработуваме“,
рече Мицкоски.
Според него, власта како вообичаено доцни две-три години во своите намери и повторно се нуди нешто за што се нема јасен концепт. Мицкоски рече дека соработката со ВМРО-ДПМНЕ требало да биде понудена пред да бидат потпишани, како што ги нарече, „капитулантските договори“.
„Јас повикував да направиме пет тима да седнеме да направиме стратегија и врз основа на таа стратегија понатаму да дејствуваме. Ние, гледате еден од тимовите е веќе ефективен, овој којшто помага во економијата и во енергетиката и покрај тоа што тие тогаш надмено одбија, неодговорно и незрело би рекол“,
рече Мицкоски, кој обвини дека власта дозволила прекршување на Декларацијата од Парламентот и „почеток на асимилација и бугаризација на македонскиот народ“.
Мицкоски во своето гостување во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија пред неколку дена рече дека кога ќе дојдат на власт, ќе го репреговараат договорот со Бугарија.
„Тоа што тие го погрешија, треба да го коригираме, тоа е задачата на идната Влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада да тоа го коригира, репреговара и цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од страна на Европската Унија и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции, бидејќи тие позиции и овие околности во кои сега се наоѓа Македонија не нудат европска иднина“,
рече Мицкоски.