Тој посочи дека доколку не се наиде на соговорник од другата страна, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да собере 61 пратеник во парламентот и да го напушти договорот со источниот сосед, бидејќи тој договор не е ниту договор за пријателство, ниту е договор за добрососедство, а тоа може да се види преку последното однесување од страна на источниот сосед
Егзибиционистичката и лоша политика која ја води Владата не доведе до ситуација за која ВМРО-ДПМНЕ многупати до сега предупредуваше, дека билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија, ќе стане мултилатерален, односно сега стана спор помеѓу Македонија и Европската Унија. Ние сега немаме француски предлог, туку бугарски договор, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги односите со нашиот источен сосед и европскиот пат на земјава.
Во гостување во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија Мицкоски посочи дека прифаќањето на т.н. француски предлог е огромна и катастрофална грешка која ја направи Владата, бидејќи, како што рече „не ги отпочна преговорите“.
„Ако ги отпочнеа преговорите чуму сето ова околу менувањето на Уставот? Не требаше да има дополнителни услови бидејќи Албанија нема“,
рече Мицкоски.
Според него, задача на идната Влада, која како што рече ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, е да ги корегира грешките.
„Тоа што тие го погрешија, треба да го корегираме, тоа е задачата на идната Влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада да тоа го корегира, репреговара и цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од страна на Европската Унија и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции, бидејќи тие позиции и овие околности во кои сега се наоѓа Македонија не нудат европска иднина“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека доколку не се наиде на соговорник од другата страна, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да собере 61 пратеник во парламентот и да го напушти договорот со источниот сосед, бидејќи тој договор не е ниту договор за пријателство, ниту е договор за добрососедство, а тоа може да се види преку последното однесување од страна на источниот сосед.
Во врска со уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, Мицкоски повтори дека ставот на партијата е оти дека нема да ги поддржи затоа што не смета дека тоа е последната препрека.
„Сега немаме уценети пратеници кои за уши се носеа во 5 за 12 да гласаат. И разликата од тогаш до сега е што нема други структури во партијата кои веруваат дека тој чекор е добар. Сега пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е необремената од потенцијални закани за затвор преку фингирани политички процеси, а во раководството на партијата има монолитност и кохезија по ова прашање“,
нагласи Мицкоски.
Напротив, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо како што вели власта дека тие разговараат со пратеници од опозицијата за уставните измени, можеби ние работиме на ново парламентарно мнозинство.
„Можеби ние работиме на некое друго мнозинство кое ќе ја распушти оваа Влада. Тоа е легитимно право и целта на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ да формира ново мнозинство. Нормално е дека работиме, само внимаваме сега да не ни се случи нов „Кастриот“. Ќе биде тоа многу внимателно, да биде „блиц криг“,
рече Мицкоски во гостувањето во „Отворено студио“ на Националната телевизија.