„Комисијата којашто претходно издала согласност, истата таа комисија ја поништува издадената согласност. Така што на Министерството не му преостануваше ништо друго освен да постапи по тие насоки“, вели премиерот
По владината одлука за поништување на акредитацијата на Меѓународниот универзитет во Струга за основање на Факултет за здравствени науки, премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа е направено затоа што универзитетот не ги исполнувал критериумите и условите.
„Тоа е укинување на претходно издаденото решение, бидејќи е спротивно на законите и не ги исполнува критериумите и условите“,
рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали се стега обрачот околу ДУИ, бидејќи владата донесе одлука за поништување на акредитација за студии за медицински науки на универзитетот во Струга, како и укинување на економските директори на Клиниките.
Премиерот Мицкоски истакна дека истата комисија која претходно издала согласност, истата таа комисија ја поништила издадената согласност.
„Ако длабоко навлезете во таа постапка, ќе видите дека практично комисијата којашто претходно издала согласност, истата таа комисија ја поништува издадената согласност. Така што, на Министерството не му преостануваше ништо друго освен да постапи по тие насоки. И затоа претходната согласност за организирање на таков тип на студии на универзитетот, претпоставувам зборувате во Струга, е практично поништена таа согласност, и сега таму тие немаат право да организираат таков тип на високообразовна настава“,
рече Мицкоски.
Владата на првата седница, што се одржа во петокот, донесе одлука дека Меѓународниот универзитет во Струга нема да може да основа Факултет за здравствени науки. Со ова, како што информираа оттаму, се поништува одлуката на претходното владино раководство кое дало одобрение на проектот за основање на факултетот и покрај тоа што не ги исполнувал законските услови, што, пак, е констатирано од надлежните институции по ревидирање на текот на постапката.
Поради бројните и сериозни недоследности, посочуваат од МОН, Одборот за акредитација го поништи решението со кое се акредитира проектот за основање на факултетот, а Министерството го поништи решението за почеток со работа донесено од претходниот министер.
Акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга беше поништена од Одборот за акредитација на високото образование на 17. минатиот месец, со што, како што информираа оттаму, се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот.