Можеби Ковачевски или сонува, или блада, или треба да ја промени диоптријата. Јас би го советувал ако сонува да се разбуди од сонот, а доколку навистина има проблем со диоптријата можам да му препорачам добар очен лекар, рече Мицкоски прашан за поскапувањата и зголемувањето на ДДВ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не смета дека има основни прехранбени производи на кои им е намалена цената и за 40 отсто, како што вчера рече премиерот Димитар Ковачевски.
Мицкоски денеска, при посета на Општина Ново Село во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, прашан за поскапувањата и зголемувањето на ДДВ, рече дека намалување на цените гледа само премиерот и ги упати новинарите да направат анкета меѓу луѓето затоа што, како што рече, тие најдобро можат да кажат.
„Можеби Ковачевски или сонува, или блада, или треба да ја промени диоптријата. Јас би го советувал ако сонува да се разбуди од сонот, а доколку навистина има проблем со диоптријата можам да му препорачам добар очен лекар. Се надевам дека следниот пат подобро ќе ги гледа цените од позиција на опозиција, но тогаш ќе ја види и сопствената одговорност за тоа што го правеше овој период“,
рече Мицкоски.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека поради тоа што постоело разлика од откупните до малопродажните цени биле донесени мерките со гарантирана цена кои овозможиле, како што тврди, и до 40 отсто намалување на одредени производи.
Ова не првпат вакви забелешки да бидат упатени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кон премиерот Димитар Ковачевски.
Минатата недела Мицкоски за време на посетата на скопската Општина Кисела Вода, во рамки на истата партиска кампања, рече: „Кај (Димитар) Ковачевски проработел Фројд, можеби има лична фрустрација од мали работи и поради тоа прави споредба со тие мали работи“.
Коментарот на Мицкоски дојде како реакција на изјавата на премиерот дека нема разлика во политичките ставови меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, туку станува збор за мал и голем Груевски кој владее во опозициската партија.
Коментирајќи ја оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски, пак, рече дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска, туку од „гастроентерхепатолошка природа“ со оглед на, како што рече, блокадите што ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и во носењето на одлуките за интеграција на нашите граѓани и на нашата држава во ЕУ.
