Освен што уште еднаш го повика премиерот на телевизиски дуел, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја повика Владата да одговори зошто го одбива понудениот план за справување со енергетската криза кој вчера го понуди самиот Мицкоски и дали, како што кажа, можеби се во игра тендери, бизнис-зделки или договори во четири очи
Ковачевски да не дезертира, како што вообичаено прави во животот, и да излезе на дуел со мене за да се соочиме пред граѓаните, па тие сами да проценат кој ја кажува вистината, а кој не. Ова денеска го кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета на Општина Јегуновце од каде што уште еднаш го повика премиерот Димитар Ковачевски да избере медиум, ден и време за дебата на која пред јавноста ќе говорат што нуди власта, а што опозицијата за решавање на енергетската криза.
„Повторно молк, немаме одговор од Ковачевски, ниту од владата за мојата понуда пред граѓаните јавно да зборуваме бидејќи во овој случај не е важен ниту Димитар Ковачевски ниту, пак, сум јас важен ниту кој било од нас е над интересот на граѓаните и државата, и затоа понудив да излеземе јавно транспарентно да избере време, да избере медиум, јас таму ќе го чекам“,
рече Мицкоски.
Освен телевизиски дуел со премиерот, Мицкоски на вчерашната прес-конференција со новинарите кажа дека бара средба со Владата со цел да се презентира планот на опозицијата за решавање на енергетската криза.
Вчера опозицискиот лидер кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ нуди на Владата предлог за заштеда од 300 милиони евра за намалување на енергетската криза и трошоците за производство на струја и топлинска енергија. Таа заштеда, според него, можат да ја обезбедат преку набавка на мазут за електраната ТЕЦ „Неготино“ и тоа по цена која би била за 200 евра по тон пониска од таа која во моментов се набавува.
При денешната посета на Општина Јегуновце, Мицкоски ја повика Владата да одговори зошто го одбива понудениот план за справување со енергетската криза и дали, како што кажа, можеби во игра се тендери, бизнис зделки или договори во четири очи.
„Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ останува за да може да се обезбеди стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и за индустријата која што се снабдува преку ‘ЕВН хоум’, но и затоплување на објектите и домовите на оние кои што се корисници на централното греење во Скопје“,
посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа, како што вели Мицкоски, до овој момент Владата го одбива.
„Зошто одбива да заштеди 300 милиони евра, зошто одбива да има поголемо производство на електрична енергија домашно, зошто одбива да има поголем Бруто домашен производ, зошто одбива да нема зголемување на сметките за затоплување и за струја?“,
прашува опозицискиот лидер.
Претходно вчера, Мицкоски предупреди дека доколку Владата не реагира на понудата на ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови, потоа би можело да биде доцна, особено за индустриските капацитети кои набавуваат струја на слободниот пазар.