Изјавата на Мицкоски доаѓа откако денеска од Алијанса за Албанците соопштија дека нејзиниот в.д. претседател Арбен Таравари денеска ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата
Тој смета дека доколку Алијанса за Албанците стане дел од владата на СДСМ и ДУИ тогаш тоа е комплетно политичко свртување од тезите кои партијата ги застапувала изминатиот период
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека се јавна тајна преговорите на Алијанса за Албанците за влез во Владата и дека за тоа се зборува недели наназад.
Изјавата на Мицкоски доаѓа откако денеска од Алијанса за Албанците соопштија дека нејзиниот в.д. претседател, Арбен Таравари денеска ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.
Коментирајќи овие случувања во најава, лидерот на најголемата опозициска партија вели дека секоја политичка партија има свое „автономно и автохтоно одлучување“.
Околу извесноста дека единствени политички партии во опозицијата, доколку АА стане дел од власта, ќе останат ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Левица, Мицкоски одговори дека тоа е доволна порака за граѓаните како да постапуваат за следните парламентарни избори.
„Тоа е доволна порака до граѓаните како да постапуваат на следните парламентарни избори. Ако го имате СДСМ како малцински фактор во владата кој што се ќе направи за да остане ден повеќе за да може да поминат неколку тендери во четири очи, за да може повеќе да краде, за да може повеќе да се уживаат привилегиите и да се создаваат вакви паразити за кои што објавуваме деновиве, тогаш единствен суверен за да го спречи тоа, покрај ние политичарите во опозицијата, е народот. И на следите парламентарни избори јас очекувам да бидат девастирани политиките на оваа влада предводена од СДСМ“,
вели Мицкоски.
Тој смета дека доколку Алијанса за Албанците стане дел од владата на СДСМ и ДУИ, тогаш тоа е комплетно политичко свртување од тезите кои партијата ги застапувала изминатиот период.
Мицкоски нагласува дека доколку еден политичар ја обвинува владата дека работи погрешно, коруптивно и криминално, а подоцна стане дел од неа, тогаш тоа значи легитимирање на сите погрешни политики и единствено нешто за кое што сте се грижеле е само да се дограбат до одредена функција и фотелја.
„Ако мене ме прашувате за мое мислење за евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во владата, тоа значи едно комплетно политичко скршнување од сите оние тези кои што изминатите години беа кажувани. Суштината е поинаква, ако вие велите дека оваа влада работи погрешно, ако велите дека оваа влада е виновна што многу Албанци ја напуштале државата, ако вие велите дека оваа влада е криминална и коруптивна и дека не ја бидува и потоа влегувате во таа влада значи тогаш дека вие ги легитимирате тие политики, самите за себе признавате дека сте лажеле односно не сте ја говореле вистината и единственото нешто за кое се грижете е да се дограбите на некаква функција и фотелја“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека ќе преовлада разумот кај Таравари и Алијанса за Албанците, но што и да одлучат за евентуален влез во владата на СДСМ и ДУИ тоа ќе биде нивна одлука.