Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави за Телма дека на крајот може да излезе дека луѓе од владејачката партија се поврзани и соработуваат со фирмата што се споменува
„360 степени“ го истражуваше случајот со парцелите што биле продавани на ЕВН за многу повисоки цени од пазарните, а кои лицата што ги продале ги добиле на подарок само три недели претходно
Од друга страна, Мицкоски изјави дека е подготвен да понесе одговорност ако се докаже дека на кој било начин е вмешан во случајот. Но, како што предупреди, можно е на крај да излезе дека луѓе од СДСМ се поврзани со фирмата што се спомнува. Во синоќешното гостување на Телма, Мицкоски рече дека ги охрабрува надлежните институции да истражат дали тој или кој било од неговите блиски пријатели, роднини или соработници е поврзан со случајот.
„Ги охрабрувам и МВР, кое го води Спасовски, и обвинителството на Русковска и судството и овој Муарем, како се вика, од Финансиска полиција, од првата до последната да истражат, подготвен сум да го истражат секој денар кај мене, мои блиски роднини, пријатели, семејство. Една точка или запирка ако најдат дека јас сум вмешан во овој случај, јас сум подготвен да сносам одговорност. Но исто така, ако не, барам да ми се извинат. Затоа што јас сум навикнат на лагите и конструкциите од страна на СДСМ, јас сум навикнат на тие лаги. Но во деновиве што следат да не излезе дека блиски луѓе до СДСМ во оваа сфера сериозно соработуваат со таа компанија што е спомената. Имам такво чувство дека тоа ќе се случи“,
рече Мицкоски во „Топ тема.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, денеска објави договори како доказ дека во периодот од 1 до 9 септември петмина му продале парцели на Влатко Илиевски, кој се спомнува како телохранител на Мицкоски, а тој потоа ги продал во периодот пред локалните избори.
„360 степени“ го истражуваше случајот со парцелите што биле продавани на ЕВН за многу повисоки цени од пазарните, за што предистрага отвори Финансиската полиција.
Според сознанијата до кои дојде „360 степени“, дел од нивите во Делчевско кои ги купила „ЕВН електрани“ компанијата ги платила 40 поскапо од пазарната вредност. Лицата кои ги продале нивите ги добиле на подарок само три недели претходно. Дел од инволвираните извршувале различни функции како кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата тврдат дека не знаат кои лица се опфатени со случајот, но и дека станува збор за „злоупотреба на системот“.
,