Тешко е да се изберат зборови за утеха во вакви трагични мигови, но сум уверен дека солидарноста и хуманоста на луѓето ќе помогнат што побрзо да се обединат и насочат сите капацитети кон обновување и санирање, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Искрено сочувство до турскиот народ и Турција утрово упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по катастрофалниот земјотрес што го погоди југоисточниот дел на земјата.
Нашите мисли се со семејствата на загинатите, вели Мицкоски, во надеж дека надлежните ќе спасат што повеќе луѓе во акциите за извлекување од урнатините.
„Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ изразувам длабоко жалење и искрено сочувство до пријателскиот турски народ и до Република Турција за жртвите од стравотниот земјотрес што го погоди реонот на градот Газиантеп. Нашите мисли и молитви се со семејствата на настраданите во надеж дека надлежните ќе успеат да спасат што е можно повеќе луѓе во акциите на извлекување. Тешко е да се изберат зборови за утеха во вакви трагични мигови, но сум уверен дека солидарноста и хуманоста на луѓето ќе помогнат што побрзо да се обединат и насочат сите капацитети кон обновување и санирање на погодените места од разорниот земјотрес“,
вели Мицкоски.
Претходно сочувство изразија и претседателот и премиерот, Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: