Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изнел три прашања на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по нејзиниот говор во парламенот.
Според Мицкоски, првата дилема е кога Северна Македонија би ги почнала преговорите – сега и веднаш, или откако ќе го промени Уставот.
„Во говорот слушнавме дека ако помине ова што го промовира владата на СДСМ и ДУИ ќе имаме одржување на првата Меѓувладина конференција. Дилемата што ја има ВМРО-ДПМНЕ и македонската јавност е следна – во членот 11 во документот наречен „Заедничи став на Европската Унија“ јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите сè додека не биде променет Уставот. Дали е тоа точно, оставам на експертската јавност да даде одговор. Ние, според овој документ, читаме дека почетокот на преговорите ќе биде откако ќе биде променет Уставот или да бидам попрецизен мал дел од бугарскиот народ, 750 семејства според последниот каков-таков попис, бидат дел од преамбилата и нормативниот дел од македонскиот Устав“,
рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека втората дилема на ВМРО-ДПМНЕ е содржината на Протоколот за кој рече дека никој не го видел и во кој ќе се зборувало за сè освен за иднината.
„Во говорот во Собранието се спомена дека нема да зборуваме за историјата, но членот 14 од истиот тој документ тоа не го говори. Членот 14 говори сосема спротивно, а тоа е дека деновиве ќе биде потпишан документ кој се нарекува Протокол, а во тој Протокол ќе се зборува за сè само нема да се зборува за владеење на право, борба против криминал и корупција, подобра економија, поквалитетно здравство, покомпетитивно образование, туку ќе зборуваме за среден век, за 18. и 19. век, чиј бил Гоце, чиј бил Даме, чие било Илинденското востание итн. Што значи дека според член 14 и Протоколот, кој за волја на вистината, никој во македонската јавност не го видел, ќе зборубаме за сè, замо нема да зборуваме за иднина“,
рече тој.
Третото прашање што го изнесе Мицкоски е за членот 3 од Воведната изјава во која, како што рече, јасно стои дека преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската страна ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик.
„Така што, дека ние имаме чист македонски јазик, дека ќе имаме чист јазик кој ќе биде дел од документите на ЕУ и преговарачката рамка е голема лага“,
смета тој.
Мицкоски покажа фотографии од гробовите на младинците убиени во Ваташа, прашувајќи дали тоа го правеле администратори. Лидерот на опозицијата покажа и фотографии од депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна прашувајќи: „Ова ли е дело на администратори кои треба ние да ги вклучиме во нашите учебници“. Додаде дека некој сака да избрише дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата и се борел против оние кои биле на погрешната.