Во однос на најавите на ДУИ дека нема намера да ја дестабилизриа земјава, туку да организира протести, како нивно демократско право, Мицкоски рече дека првичните обиди за дестабилизација очигледно се осуетени и сега преминува кон помека реторика
За барањето на Ахмети за ветинг, Мицкоски рече оти сметал дека со одењето на ДУИ во опозиција таков вид сатира и хумор е завршен
Демократската унија за интеграција (ДУИ) полека се навикнува дека е во опозиција и на тоа уште подобро ќе се приспособи. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот партнер во владата Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ откако вчера лидерите во „Европскиот фронт“ упатија повик до претставниците на владиниот партнер да ја напуштат „моноетничката, антиалбанска влада“ и да се приклучат кон нивната коалиција за „заедно да му ги покажат црвените линии на премиерот Христијан Мицкоски“.
На новинарско прашање да го каже ставот околу вчерашниот повик на Ахмети, Таравари кусо одговори:
„Ахмети мислам дека полека се навикнува во опозиција и мислам дека ќе се навикне уште подобро. Мислам дека само треба адаптација, ништо друго“.
На одговорот на Таравари се надоврза премиерот Мицкоски кој изрази жалење што раководството на ДУИ и Али Ахмети ја споредиле својата партија и членовите со гума за спасување.
„Очекував поголема креативност. Им посакувам опозициски денови во кои ќе се реформираат, ќе може да го пронајдат својот програмски идентитет, кадровски да се реформираат со нови свежи кадри, па можеби на некои следни избори ќе се појават со поинаков пристап од оној што го гледавме повеќе од 20 години, пристап во кој главна цел беше што повеќе да се украде и да се направат пакости на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Во однос на најавите на ДУИ дека нема намера да ја дестабилизриа земјава, туку да организира протести, како демократско право, Мицкоски рече дека нема ништо против организирање мирни и демократски протести, но доколку тие преминат во насилство, тогаш, додаде тој, ние мораме да ги одбраниме институциите.
„Првичните обиди за дестабилизација очигледно се осуетени и сега преминуваме кон помека реторика, ќе протестираме. Ете периодот што следи да видиме како ќе се одвиваат работите, па ќе ги коментираме“,
рече тој.
Во вчерашното обраќање на настанот по повод 100 дена од новата влада, насловена „100 дена скандали, потфрлања, омалуважувања“, Ахмети освен што изрази незадоволство од досегашната работа на Владата, тој порача да се организира ветинг.
За ова барање на Ахмети, Мицкоски рече оти сметал дека со одењето на ДУИ во опозиција таков вид сатира и хумор е завршен.
„Но, тие еве продолжуваат и понатаму. Ќе слушаме во периодот што следува ваков вид сатира и хумор, па ќе видиме до каде ќе стигнат како политичка партија“,
одговори Мицкоски прашан за став по ова барање на Ахмети.
Премиерот Христијан Мицкоски во вторникот изјави дека тоа што пратениците на ДУИ поддржуваат закони во Собранието, за кои е потребно двотретинско мнозинство, не значи какво било нивно приближување кон Владата. Поддршката, како што рече Мицкоски, не значи дека би имале натамошна соработка со актуелно раководство на ДУИ.
На ова вчера Ахмети рече дека немаат намера да станат дел од владината коалиција, за која кажа дека не ги почитува основните права на Албанците и другите помали заедници. Не сме заинтересирани, рече Ахмети, да станеме дел од оваа влада бидејќи не сме резервно тркало.