Лидерот на опозициската партија оцени оти вицепремиерката и шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел „им ја плеснала вистината в лице“ на македонските власти и рече дека ова е почеток на проблемите што следуваат, а кои треба да ги решава ВМРО-ДПМНЕ
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, рече дека покрај уставните измени, кои се дел од Преговарачката рамка, нема нови услови на патот на С Македонија кон Европската Унија
Премиерот Димитар Ковачевски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања дадоа различни толкувања на изјавата на шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел која изјави оти уставните измени не се единствениот услов за продолжувањето на патот на С Македонија кон ЕУ, туку и почитувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.
Лидерот на опозициската партија оцени оти Габриел „им ја плеснала вистината в лице“ на македонските власти и рече дека ова е почеток на проблемите што следуваат, а кои треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава.
„Сега имаме сега сите ние проблем кој за жал повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава, но и граѓаните во Македонија во периодот што следи. За ова зборувавме повеќе од година и половина, за ова предупредувавме и за жал со тоа што го направија, направија огромен проблем за сите нас“,
рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е спремна откако ќе ја формира новата влада да разговара за нешто што претставува, како што рече, достоинствено решение и сценарио.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, коментирајќи ја изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка Марија Габриел, рече дека покрај уставните измени кои се дел од Преговарачката рамка, нема нови услови на патот на С Македонија кон Европската Унија.
„Таа не кажа дека има нови услови. Ние имаме многу јасна Преговарачка рамка. Таа рамка има обврски за ЕУ и за С Македонија. Ние во Брисел на последниот Самит на Западен Балкан со ЕУ и на последниот Европски совет, имавме најјасен заклучок досега од добивањето на кандидатскиот статус со ЕУ. Во параграфот стоеше – Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот“,
изјави Ковачевски.

Во однос на другите односи што земјава ги има со Бугарија, како што рече, тие се однесуваат на Договорот за добрососедство и се на билатерално ниво за кое постојат меѓуресорски и експертски комисии.
„Сето друго е дневна политика што никому не оди во прилог, освен на оние што не сакаат да ја видат земјата интегрирана во Европската Унија“,
додаде Ковачевски.
Изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел оти уставните измени не се единствениот услов за продолжувањето на патот на земјава кон ЕУ била дел од нејзиниот одговор во бугарскиот парламент на прашањето што се случува со преговарачкиот процес на С Македонија за приклучувањето кон ЕУ и дали го почитува тоа што се бара од неа.