Доколку парламентот во првата фаза не изгласа, а што ќе се случи, потреба за отворање на Уставот тогаш, работата на работната група за уставни измени е беспредметна, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Работната група за уставни измени може да добие мандат само во случај доколку Собранието изгласа потреба за отворање на Уставот. Ги повикувам човекот што е поставен таму, Димитар Ковачевски, и вистинскиот што ја води Владата, Артан Груби, заедно со Али Ахмети, да ги достават овие барања во парламентот, односно да ја достават потребата за отворање на Уставот за да можат пратениците да се изјаснат, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Честопати се чудам на аматерскиот однос кон суштинските и важни прашања за граѓаните и за Македонија на Владата. И секогаш кога мислам дека го допреле дното, јас во суштина сум бил песимист, тие можеле да одат подлабоко. Прво, ги трошат парите на граѓаните ненаменски. Тие експерти добиваат пари од Буџетот за работа за која во моментов немаат мандат. Тие можат да добијат мандат само во случај доколку парламентот изгласа потреба за отворање на Уставот. Доколку парламентот во првата фаза не изгласа, а што ќе се случи, потреба за отворање на Уставот тогаш, нивната работа, е беспредметна“,
нагласи Мицкоски договарајќи на новинарски прашања при денешната посета на општина Кисела Вода.
Според него, доколку власта има мнозинство за уставните измени, како што тврдат Ковачевски и Ахмети континуирано една година, треба час поскоро да ги достават барањата за уставни измени во Собранието.
„Затоа, ајде еве еднаш нека се охрабрат и нека го поднесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски и да изгласаат пратениците, да видиме како ќе гласаат“,
повика Мицкоски.
Доколку се покаже дека нема мнозинство за тоа во законодавниот дом, Мицкоски смета дека Ковачевски треба да поднесе оставка.
Тој уште еднаш го повтори ставот дека уставни измени во овој парламентарен состав ќе нема.