Народот, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш знаел да се издигне и да ги победи сите предизвици и проблеми со сплотеност и заеднички сили, затоа што можел да се обедини околу интересот на државата и на граѓаните
Традицијата и историјата на овие простори покажеле дека доброто секогаш победувало, посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод верскиот празник Богојавление – Водици.

Истакнувајќи дека овој светол ден е симболот на духовното раѓање и како таков не потсетува сите нас на духовните вредности кои мора да ги негуваме, Мицкоски ја обвини власта за пад на вредносните принципи, бидејќи, како што наведува, е водена само од бизнис и материјални интереси.
„Таквите личности се изворот на криминалот и корупцијата кои ја осиромашуваат Македонија и кои ги прават граѓаните се повеќе апатични и безнадежни. Целта на овие луѓе во власта е да ја осиромашат Македонија и духовно, да ја убијат надежта на народот и така да владеат со понижен и скршен народ. Но традицијата и историјата на овие простори покажале дека доброто секогаш победувало“,
се посочува во честитката од Мицкоски.
Народот, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш знаел да се издигне и да ги победи сите предизвици и проблеми со сплотеност и заеднички сили, затоа што можел да се обедини околу интересот на државата и на граѓаните.
„Јас верувам во нескршливиот дух на овој народ, јас верувам дека силата и волјата на граѓаните ќе ја донесат новата надеж за подобра иднина. Нека големиот празник Богојавление – Водици ги обедини граѓаните и нека им даде поголем мотив за борба за подобра иднина. Нека е за многу години! Бог се јави, навистина се јави!“,
го честита празникот Мицкоски.