Нашата обврска како ВМРО-ДПМНЕ е заедно со народот, вели Мицкоски, да го направиме тој ресет и да ја издигнеме Македонија од оваа апатија и овие црнила
8 Септември е остварување на соништата, круна на македонската борба за слобода, државност и независност, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката по повод Денот на независноста.
Меѓутоа, вели тој, денес генерациите кои се изјаснија за независна Македонија, ги живеат најмрачните години од самостојноста.
„Во 1991 година се исполни волјата на огромно мнозинство на народот да живее во независна Македонија. Тие генерации сонуваа за напредок и горда земја која ќе биде достоинствен и рамноправен член за европското семејство. Но тој сон со годините полека бледнееше, за посебно денес истата таа генерација ги живее најмрачните години од самостојноста, години на безочен криминал, на сеприсутна корупција, на власт на која поважен и е личниот бизнис отколку животот на обичниот човек. Трагедиите во последните години ни станаа секојдневие, недостигаат лекови, недостигаат учебници, недостига правда, но најмногу од сè недостигаат граѓаните кои си заминуваат од својата татковина поради неуспесите, поразите, погазеното достоинство и распадот на системот“,
вели Мицкоски.
Но, нагласува тој, 8 Септември е празник на надеж и борба и тоа никогаш нема да престане. Затоа, Мицкоски верува дека ВМРО-ДПМНЕ со народот ќе успее да направи ресет и да ја издигне државата од апатијата.
„Овој народ е пиреј и ќе се избори со сите предизвици. Македонија ја заслужува таа борба и ќе победи против корумпираната елита на власт и нивните пиони. Сонцето на слободата и просперитетот ќе огрее пак над Македонија. Нашата обврска како ВМРО-ДПМНЕ е заедно со народот да го направиме тој ресет и да ја издигнеме Македонија од оваа апатија и овие црнила. Тоа ќе го успееме, затоа што силно веруваме во тоа“,
вели Мицкоски.