Посетата на владината делегација на ОАЕ, премиерот ја оцени за исклучително квалитетна и успешна, давајќи ѝ највисока можна оценка и во економска и во политичка смисла
По долго време стопирање и паузирање на односите кои ги имаме со Обединетите Арапски Емирати, од не знам кои причини, повторно воспоставуваме една блиска и непосредна соработка. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со посетата на македонската владина делегација на ОАЕ, која тој ја оцени за исклучително квалитетна и успешна, давајќи ѝ највисока можна оценка и во економска и во политичка смисла.

„Посетата ја започнавме со средба со претседателот на ОАЕ. Следните денови се сретнавме со стопанските комори од Емиратот Шарџа и Дубаи, а потоа имавме исклучително квалитетни состаноци со врвните компании овде во Обединетите Арапски Емирати, како што се Мубадала, ADQ, Масдар, Игл Хилс итн. Сето она коешто разговаравме е навистина нешто коешто ќе претставува еден голем чекор напред за македонската економија“,
изјави премиерот.
На средбите било разговарано за проекти од областа на траспортот, пред сè Коридорот 8 и коридорите 10 и 10-д.
„Разговаравме и за проекти поврзани со туризмот. Се разбира за нашиот македонски, балкански, би рекол светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините коишто следат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани. Место каде што е потребна голема инвестиција, поради својата местоположба и поради сите оние географски убавини коишто самиот скицентар ги нуди. Во делот на градежништвото, неколку локации каде што навистина може да се направат лендмарк објекти коишто ќе бидат препознатливи, не само за Скопје, Македонија или за другите градови во нашата држава, туку и за регионот, па би рекол зошто да не амбицираме да прераснат такви лендмарк објекти за цела Европа“,
додава Мицкоски.
Се разговарало и за инвестициите во делот на земјоделството и енергетиката. Како главен приоритет во оваа смисла, како што додава премиерот, се хидроцентралите на Река Црна – „Чебрен“ и „Галиште“. Збор станало и за инвестиција во нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови итн.
Од посетата на ОАЕ, Мицкоски како важно го издвои и потпишувањето на Меморандумот за подлабока економска соработка потпишана од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговиот хомолог.
„Добрите вести како резултат на овој Меморандум, ќе ги соопштам во деновите коишто следат кога ќе се вратиме назад во Македонија“,
вели Мицкоски.