Лидерот на опозицијата ги повика надлежните органи да излезат со имиња на сите вклучени во оваа афера, во спротивно се закани дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави сите инволвирани фирми
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска зборувајќи пред медиумите во рамките на својата посета на Радовиш, истакна дека според информации што ги поседува партијата, високи функционери на СДСМ и ДУИ се вклучени во афера за фиктивно испумпување пари од УЈП, поради што, како што тврди Мицкоски, буџетот бил оштетен за 20-30 милиони евра.
Опозицискиот лидер вели и дека за овој случај вработени од УЈП веќе биле повикани на распит во МВР.
„Тоа претставува, можеби, би рекол, организирана група која злосторнички се здружила и лесно ги крадела граѓаните, односно го оштетила буџетот. Според наши информации, буџетот е оштетен за сума помеѓу 20-30 милиони евра. Но, внимавајте, за тоа што јас го зборувам постојат дури и докази, дека лица вработени во Управата за јавни приходи се повикани во МВР да дадат свој исказ за тоа што јас вчера го зборував. Затоа е многу важно дали МВР ќе излезе со детали и ќе го спроведува законот заедно со Обвинителството за организиран криминал или ние тоа ќе го направиме, ќе го обелодениме во јавноста, и тоа во детали со имиња и со точни фирми што се дел од оваа би рекол злосторничка дружина“,
истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашања во врска со аферата за фиктивно испумпување пари од УЈП.
Мицкоски обвини дека во оваа афера се вклучени високи функционери на СДСМ и на ДУИ, а потоа објасни и на кој начин, како што тврди тој, бил извршен овој криминал.
„Злосторничката дружина свесно се здружила со намера да го оштети буџетот. А, според нашите информации, таму се вплеткани високи функционери на СДСМ и ДУИ. Ако ме прашувате како тоа функционирало, еве ќе се обидам да објаснам. Имаме субјект А која е инстант-компанија и која генерира фиктивни побарувања од УЈП за поврат на данок на додадена вредност, и фирма Б, односно субјект Б, кој долгува на УЈП по основ на данок на додадена вредност. Фирмава А, која е инстант-компанија отворена со фиктивни фактури, ѝ приоѓа на фирмава Б и ѝ вели дај да се прибиеме со цесија односно ниту тие мене да ми вратат ниту вие да платите. Нормално, со определен надомест. И тогаш што се случува? Тие се прибиваат и ниту овие што ѝ должат на Управата, фирмата Б плаќа ниту фирмата А добива официјално поврат на ДДВ, а фирмата Б нормално за одреден надомест ја прифаќа оваа услуга од фирмата. Детали за ова можеби може да ви каже и една актуелна пратеничка на СДСМ која сега е пратеник, а порано беше директор на скопската подружница на Управата за јавни приходи. Или, пак, има еден господин кој доаѓа, мислам дека е од Општина Ранковце, близок до поранешен висок функционер на СДСМ, а сега министер. Можеби тој што е сега актуелен директор на скопската дирекција на УЈП може да ви каже детали. Или, пак, самата директорка на УЈП или нејзиниот заменик може да ви ги каже деталите“,
наведе Мицкоски.
На крај, лидерот на опозицијата ги повика надлежните органи да излезат со имиња на сите вклучени во оваа афера, во спротивно се закани дека тоа ќе го направи ВМРО-ДПМНЕ.
„Го повикувам МВР, го повикувам Обвинителството за организиран криминал да излезат со имиња, со јасна и прецизна динамика како ќе се спроведе законот за овој криминал и за оваа пљачка. Во спротивно, ако тие не го сторат, ние јавно ќе ги обелодениме фирмите и начинот на кој сето е ова правено и кои се тие високи партиски функционери што учествувале, и од ДУИ и од СДСМ“,
рече Мицкоски.