Мицкоски е против воведување енергетска кризна состојба и најави дека ќе отвори внатрепартиска дебата. „Најпрво да видиме каде отидоа парите на граѓаните во изминатиов период под превезот на енергетската криза“, вели тој
Енергетската криза и справувањето со неа на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му личела како приказната со штурецот кој „си свиркал и кога дошло времето само тој останал гладен и не се подготвил за зимата”. Прашан за најавите на Владата за воведување енергетска кризна состојба, тој обвини дека власта на мала врата се обидува да воведе состојба на енергетска криза за, како што рече, да може да си склучува договори во четири очи и да краде.
„Еден таков пример изминативе денови се случува со тендер што беше склучен во четири очи, а тоа е набавката на битумен за едно јавно претпријатие, каде според пресметката што ја направија комисиите во партијата, цистерната чини фантастични близу 12 000 евра, а пред само неколку недели, ЈП „Улици и патишта” – Скопје сличен таков материјал набави за, верувале или не, 11 000 евра помалку, односно 1 200 евра“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека е против воведување енергетска кризна состојба и најави дека ќе отвори внатрепартиска дебата.
„Најпрво да видиме каде отидоа парите на граѓаните во изминатиов период под превезот на енергетската криза. Да видиме колку тендери се потпишани во четири очи, колку пари отидоа за ископ во РЕК „Битола”, колку пари отидоа за мазут во „Битола”, „Осломеј”, ТЕЦ „Неготино”, колку пари отидоа за поддршка на ликвидноста на ЕСМ за да набавува електрична енергија. Сакам прво да видам каде отидоа народните пари, па дури потоа можеме да зборуваме за поддршка на следната, условно кажано, кризна состојба поврзана со енергетската криза“,
вели тој.