Тој изрази жалење што „уште неколку месеци ќе бидеме заложници на оваа политика на неспособни и криминални политичари“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика премиерот Димитар Ковачевски да „не се крие како кукавица под фустанот на ДУИ“, туку да се охрабри и да излезе на избори.
„Чудна смисла за хумор има Ковачевски, морам да признам. Но, има само еден начин тоа да го покаже и докаже, наместо како кукавица да биде под фустанот на коалициониот партнер ДУИ, нека излезе на избори и ќе видиме кој кого ќе победи и какви ќе бидат резултатите. Сè додека е како кукавица и коленичи под фустаните на поголемиот коалиционен партнер во Владата, за жал, ќе остане само на кукавички заканувања, а во суштина делата ќе изостанат“,
порача Мицкоски од општина Аеродром одговарајќи на новинарско прашање.
Давајќи коментар за инфлацијата во Македонија и најавеното ново покачување на цените на дел од производите, Мицкоски посочи дека таа е за 50 проценти повисока од онаа во Европската Унија.
„Можам да кажам дека неспособната политика на владата на ДУИ и СДСМ доведе до една ваква ситуација во којашто јасни се последиците, а последиците се дека стандардот на граѓаните е драматично намален, граѓаните живеат сè полошо, сиромаштијата се зголемува и, практично, од први до први луѓето се борат како да го преживеат месецот“,
рече Мицкоски.
Тој изрази жалење што „уште неколку месеци ќе бидеме заложници на оваа политика на неспособни и криминални политичари“.
„За неколку месеци од денес доаѓа влада на ВМРО-ДПМНЕ, којашто има јасна стратегија, има јасна цел, а тоа е заедно со народот, заедно со граѓаните да работи исклучиво и само за интересите на народот и Македонија како држава“,
посочи Мицкоски.