Мицкоски, исто така, го повика премиерот Димитар Ковачевски да избере медиум, ден и време и да договори дебата на која пред јавноста ќе говорат што нудат власта и опозицијата за решавање на енергетската криза
Да, барам средба со Владата за да им го презентираме нашиот план за решавање на енергетската криза. Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали освен што го повикува премиерот на телевизиска дебата ќе побара и лидерска средба со него.
Претходно Мицкоски рече дека за да нема дилеми и недоречености ќе го повика премиерот Димитар Ковачевски да избере медиум, ден и време за дебата на која пред јавноста ќе говорат што нудат власта и опозицијата за решавање на енергетската криза.
„На дебата се зборува за концепти. Ние, како партија, немаме што да криеме, македонските граѓани заслужуваат да слушнат и да изберат. Да одлучат чиј концепт е оној што нуди решенија, а чиј концепт е оној што нуди многу криминал и малку решенија. Затоа велам дека треба да излеземе и да се соочиме и да зборуваме за ова. Имаше и има можност Владата доколку сака да ги слушне предлозите, да нè повика, ќе отидеме, ќе поразговараме, ќе ги објасниме. Времето е кратко, часовите се одбројани, треба одговорно, државничко однесување кое ќе им помогне на граѓаните за да ги ублажат последиците од оваа енергетска криза која полека, но сигурно се трансформира во финансиска криза во која инфлацијата руши рекорди. Така што, тоа што можеме да го сториме ние како опозиција, надвор од институциите, тоа и го правиме. Еве, барам средба со Владата, тоа и вчера го побарав, ама за жал одговорот оттаму беше поинаков“,
рече Мицкоски.
Мицкоски синоќешната владина вонредна прес-конференција ја нарече панична реакција која е резултат на еден конкретен конструктивен предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера го претставив планот како да обезбедиме дополнителни количини на електрична енергија и топлина за граѓаните и индустријата, а со тоа да обезбедиме и конкурентно работење на индустријата без да има затворање на претпријатијата и без да има отпуштања на работниците.
„Но, тоа што се случува во изминатиот период е комплетно игнорантски однос од страна на Владата кон стопанството, но исто така и надмен однос од страна на Владата кон предлозите на опозицијата, наместо да биде конструктивна, да ја прифати понудата, да седне да разговара и преговара“,
рече Мицкоски.
Од тоа што можевме вчера да го слушнеме, додаде Мицкоски, на таа вонредна прес конференција на владиниот тим, можеме да заклучиме дека слушнавме многу „ќе“, а ништо завршено со точка.