Зборот „кредибилитет“ веќе не може да се поврзува со СЈО и со Катица Јанева, порача опозицискиот лидер Христијан Мицковски, кој побара притвор за шефицата на обвинителството во оставка. Според него, исполнети се сите услови за ваква мерка, потенцирајќи дека постои можност за повторување на делото, бидејќи таа се уште е прв човек на институцијата, има можност за влијание на сведоци и може да се даде во бегство. Се останато, рече Мицкоски е бледо алиби.
„Нема човек кој верува дека ова е возможно без самата врхушка на власта. Тоа е театар да се спасат вистинските нарачатели на криминалот. Осомничените не е можно да вршеле влијание без силата на СЈО и врските со власта,“
рече Мицкоски.
Сомнежите на најголемата опозициска партија се дека во аферата „Рекет“ се вмешани и други лица од власта. Мицкоски праша, зошто не се говори за „Фрики“ и „Кики“, ликовите од колумните на новинарот Бранко Геровски кои според написите, заедно вршеле изнуди и остварувале влијанија. Дополнително, праша и дали на средбите во домот на Бојан Јовановски, чест гостин бил функционер на СДСМ и заедно во друштво со Катица Јанева, се договарале обвиненија и следни постапувања.
„Дали е вистина дека Јанева ја има во разговорите со првообвинетиот?, “
праша Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес- конференија рече дека не гледа причина да присуствува на лидерската средба која ја побара Заев.
„Не ја гледам потребата од присуство на средба на која ќе се разговара за се, а нема да се разговара за тоа што и треба датум на Македонија за предвремени избори“,
истакна Мицкоски.
Тој, потенцира дека работни групи од ВМРО – ДПМНЕ, работат со работни групи од СДСМ по повеќе прашања, односно по трите теми кои ги предложил премиерот Заев за лидерската средба.