Направете го чекорот, охрабрете се и дајте оставка, така ќе ја спасите Македонија и ќе направете едно нешто добро во овој малку мандат што ви остана, му порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на премиерот Димитар Ковачевски
Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела Влада. Прифативте улога со која не можете да се носите, му порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на премиерот Димитар Ковачевски.
„Немавте храброст за дебата за договорот со Коридорот 8 и 10-д, барем имајте храброст да ставите потпис на вашата оставка. Оставка барем да не го загубите достоинството ако барем и малку ви преостана. Оставка затоа што со секој ден мислење дали да ја дадете или не, дополнително ја тонете Македонија. Направете го чекорот, охрабрете се и дајте оставка, така ќе ја спасите Македонија и ќе направете едно нешто добро во овој малку мандат што ви остана“,
рече Мицкоски во денешното обраќање во Штип на настанот „Ова е Македонија за сите“.
Мицкоски порача дека ниту една оставка нема да биде бегство од одговорност.
„А и да ви кажам за да знаете. Ниту една оставка нема да ви биде бегство од одговорноста која следи. Ќе одговарате за секој денар и ќе ве гони правдата се додека не го вратите и последниот украден денар. За ова го имате мојот збор“,
додаде Мицкоски.
Според него најгласен е муабетот во одредени политички кулоари дека Ковачевски кој работи како помал бизнис партнер на ДУИ во владата, веќе еднаш си поднел писмена оставка до собранието.
„Овие кои се многу свесни дека со падот на власта доаѓа и одговорност, многу жестоко го убедувале во спротивното. Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање. Значи имаме премиер кој утрото се буди, попладнето си дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време“,
рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека како на лента се повторуваат проблемите, истите стравови со кои власта опстојува во институциите.
„Тоа не е целата власт, туку неколкумина од неа, кои на државата гледаат како корпорација, бизнис зделка, каде главен директор е ДУИ, со подизведувач СДС. Тие неколкумина кои раководат со државата се едната иста клика, која го предизвикува истиот хаос кој го мачи народот. Имаме ‘дуизација’ на системот што ни носи ‘дуизација’ на Македонија“,
рече Мицкоски.
Според него, тоа не е само политичко окупирање на институциите, туку еден извитоперен систем на невредности, на криминално однесување кое го труе системот и секоја здрава клетка.
„Оваа ‘дуизација’ го зафати и судството и обвинителството, кое пак им е гаранција дека нема да одговараат за криминал што го прават. Притоа секогаш кога ова јавно ќе го споделам тие веднаш дефокусираат прикажувајќи го како напад против Албанците. Ова не е напад против Албанците, туку напад кон оној мал број луѓе од таа каста кои ги крадат албанскиот народ исто како и македонскиот, а се нарекува ДУИ, со подизведувач СДСМ“,
додаде Мицкоски.