Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ следува откако викендов министерот Оливер Спасовски кажа дека предложениот закон за амнестија нема да придонесе кон значително ослободување места во затворите. Покрај тоа што смета оти моментот на носењето на законот е несоодветен, првиот човек на МВР вели дека наместо амнестија државата треба да размислува за зголемување на капацитетите на затворите
Ако не се согласува со предложениот закон за амнестија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски или нека молчи или нека поднесе оставка и нека ја напушти Владата веднаш. Ова денеска од Охрид го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Мицкоски ова го кажа откако беше прашан како ја коментира изјавата на министерот Оливер Спасовски од викендов, оти смета дека законот за амнестија нема да има никакви конкретни ефекти и нема да ја смени состојбата со пренатрупаноста на затворите што е и главната причина за негово носење.
„Спасовски има две опции. Едната опција е ако не се согласува со законот за амнестија да ја напушти Владата“,
рече Мицкоски.
Втората опција која ја има Спасовски, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е да молчи и да прифати оти луѓето што ќе бидат амнестирани со овој закон се озогласени криминалци, наркодилери, насилници и луѓе што вршеле изнуда.
„Тие сега треба да добијат намалени казни, а дел од нив ќе добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“,
додаде Мицкоски.
Неговата изјава следува откако викендов министерот Оливер Спасовски кажа дека предложениот закон за амнестија нема да придонесе кон значително ослободување на места во затворите. Покрај тоа што смета оти моментот на носењето на законот е несоодветен, првиот човек на МВР вели дека наместо амнестија државата треба да размислува за зголемување на капацитетите на затворите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ неколкупати најави дека нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предлог-законот за амнестија. Викендов, пак, лидерот на партијата кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти парламентот доколку законот се стави во собраниска процедура со европско знаменце.