Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, ги повика пратениците да изгласаат модел со една изборна единица.
„Ајде утре, еве привремено ќе ја тргнеме блокадата да изгласаме сите заедно во парламентот една изборна единица, да не бидат шест, другиот ден веќе ќе ги добие Тупанчевски тимовите кои ќе работат на измените на изборниот законик согласно препораките ОБСЕ“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва во гостувањето во емисијата ,,Топ тема” на телевизија Телма.
Мицкоски додаде дека веќе се обиделе и со мнозински систем претходно, но не наишле на поддршка од останатите политички партии.
Во однос на прашањето дека една изборна единица е изборен модел кој не им одговара на ДУИ, Мицкоски рече дека тоа треба да ги прашаат во ДУИ бидејќи тие не им се коалиционен партнер.
„Видете сега една чудна ситуација, СДСМ е коалиционен партнер и со ДОМ на Морачанин, ЛДП на Милевски, Народна на Ѓеорѓиевски, ДС на Павле Трајанов кои што се обединети во барањето за една изборна единица. Но, истовремено е партнер и со ДУИ кој вели никако една изборна единица, сега не сме ние тие кои треба кај нив да ги решаваат недоразбирањата. Но еве, јас ја фрлам ракавицата бидејќи Тупанчевски бара тимови преку медиуми бидејќи официјално никој од нас ништо не побарал, еве јас велам утре во парламентот да изгласаме една изборна единица и потоа, веќе задутре да ги номираме тимовите“,
додаде Мицкоски.