Тој ги повика пратениците од СДСМ да им се приклучат и заедно да му кажат „стоп“ на Талат Џафери, за кој тврди дека секој ден сè повеќе го урнисува законодавниот дом
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат интерпелација на претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„По вчерашниот ден, во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери, веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден автократ кој си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина не почитувајќи никаков Деловник и пред сè ги крши основните човекови права“,
изјави денеска Мицевски во прес-салата на Собранието.
Талат Џафери, како што рече тој, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води законодавниот дом.
„Овој човек нема почит спрема никого, ниту кон собраниската служба која ја навредуваше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту кон пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала. Ова се крици на еден немоќен и неспособен човек кој што не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа не знаејќи што да прави се дрзнува насила да спроведува режим кој што е далеку од демократски“,
рече Мицевски.
За Талат Џафери, како што додаде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, не постои Деловник и не постојат човекови права.
„Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата. Ова е човек што си дозволува да фрла амандмани на опозиција во контејнер, да омаловажува вработени во Собранието, луѓе професионалци кои се криви само затоа што одбиваат да ги примаат неговите наредби кои се незаконски, насилно да ги заклучува пратениците во Собранието, да крие закони и интерпелации во фиока и да го ускратува уставно загарантираното право на пратеник да ги застапува граѓаните кои го избирале“,
истакна Мицевски.
Според него, сето ова случува со амин и знаење на СДСМ кој, како што рече, секојдневно ги брани постапките на Џафери сакајќи најлошиот претседател на Собранието во историјата да го претстави како најдобар.
„Нам ни е јасно дека Џафери и СДСМ ќе направат се, повторно да избегаат од одговорност како многупати досега и исто така им порачуваме дека оваа интерпелација не смее да заврши повторно кај него во фиока и никогаш да не ја стави на седница како што се случи со претходната што ја поднесовме. Редот и функционирањето на Деловникот мора да се вратат во Собранието на Република Македонија. Самоволието, деспотското раководење и сите други методи на кои е навикнат Џафери може да си ги применува само во својата партија и кај него дома“,
посочи Мицевски.
Тој ги повика пратениците од СДСМ да им се приклучат и заедно да му кажат „стоп“ на Талат Џафери, за кој тврди дека секој ден се повеќе го урнисува законодавниот дом.
„Исто така, го повикуваме и премиерот Димитар Ковачевски, еднаш барем да се заинетересира и да се постави како вистински премиер, а не да молчи и да бега од јавноста бидејќи ова што се случува е и негов срам“,
рече Мицевски.