За член на Државната изборна комисија беа пријавени два кандидата – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили поддржан од Европската демократска партија на Аријанит Хоџа. Според изјавата на Мицевски, поранешниот пратеник Адили е кандидатот кој се повлекол од изборот за член на ДИК
Отворена е можноста собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата да го утврди кандидатот за пополнување на испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК) и да го испрати предлогот за гласање на пленарна седница.

Ова денеска го соопшти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, кој изјави дека според информациите што ги имаат еден од двајца кандидати кои досега беа во игра ја повлекол својата кандидатура.
Според изјавата на Мицевски, која ја пренесува државната новинска агенција МИА, кандидатот за пополнување на местото во ДИК ќе биде Абдуш Демири, кој беше предложен од страна на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“.
„Она што е добро и што сакам да го спомнам денес е дека информациите коишто ги имаме се дека проблемот што постоеше во Комисијата за избор и именување, односно со неповлекувањето на двата члена за пополнување на едното испразнето место за албанската опозицијата, еден од кандидатите ги повлекол документите. Така што, отворени се можностите на Комисија да донесе одлука и да ја испратиме до пленарна седница, значи материјал врз основа на којшто еден од кандидатите, мислам дека се викаше Абдуш Демири ќе биде кандидат за пополнување на местото во Државна изборна комисија“,
изјавил Мицевски, кој денеска присуствувал на отворање на реновираното подрачно училиште ООУ „Страшо Пинџур“ во селото Таринци во Општина Карбинци.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потсетил дека изборот на член на ДИК се врши со двотретинско мнозинство, односно за предлогот треба да гласаат најмалку 80 пратеници во парламентот. Тој изразил очекување изборот на новиот член на ДИК да биде избран во предвидениот рок и со тоа да се пополни седмото испразнето место во институцијата надлежна за организирање и спроведување на изборите.
Инаку, местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда пред една година, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник на опозицијата со втор најголем број пратеници во Собранието.
За член на Државната изборна комисија беа пријавени два кандидата – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили поддржан од Европската демократска партија на Аријанит Хоџа. Според изјавата на Мицевски, поранешниот пратеник Адили е кандидатот кој се повлекол од изборот за член на ДИК.

Неизборот на нивниот кандидат Демири беше повод пратениците од трите партиите кои го формираат „Европскиот сојуз за промени“ (Алтернатива, Беса и Демократско движење) да ја бојкотираат работата на Собранието бидејќи сметаат дека седмото испразнето место во ДИК им припаѓа ним, како опозициски партии на Албанците.
За пополнувањето на испразнетото место во ДИК, претседателот на Собранието Јован Митрески во интервју за емисијата „360 степени“ емитувано на 5 февруари на МРТ 1 рече дека во врска со ова прашање тој остварил средба со опозициските партии на Албанците веднаш по преземањето на функцијата и дека разговарал за да се надмине овој проблем. Собранискиот спикер вели дека проблемот е во читањето на законот бидејќи не може точно да се одреди која партија спаѓа во опозициската гарнитура.
„Беса влегла со коалицијата ’Можеме’, па излегла, па влегла Алтернатива која била во коалиција со Алијанса, па излегла. Јас побарав од нив тие два предлози што се на Комисија за избори и именувања да дојдат до пленум за да ја отвориме дебатата во пленарната сала и да се најде начин да разговараат пратениците, па и политичките партии, за да обезбедиме 80 гласа за еден од кандидатите. Изборот на кандидат за ДИК се врши со двотретинско мнозинство така што тука не може да дојде до ситуација за надгласување дали ќе биде еден кандидат или ќе биде друг. На крај, треба да се седне и да се разговара“,
рече тогаш Митрески.
Тој додаде дека лично нема да дозволи да има гласање за последниот член на комисијата, без притоа да добие цврсто уверување дека веќе има обезбедено двотретинско мнозинство за еден од кандидатите, бидејќи доколку изборот пропадне, целиот процес започнува одново, а вели – доколку не се избере нов член, ќе биде фрлена дамка на изборниот процес.
Во врска со ова прашање, техничкиот премиер и до неодамна претседател на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА, неодамна изјави дека опозицијата со јавните настапи направила фама дека тој бил пречката за избор на член на ДИК, а во суштина процедурите се соодветно пропишани.
Како што рече тогаш Џафери, опозицијата треба да направи напори во комуникацијата со политичките партии и да му овозможи на претседателот на Собранието што побрзо да може да ја стави оваа точка на дневен ред.