Никола Мицевски ги обвини владејачките партии дека ја замолчуваат опозицијата, откако интерпелациите за двајцата членови на Владата, кои беа симнати од дневниот ред на 36.седница (на која останаа само законите од петтиот пакет), не беа вратени како точки на денешната 39.седница
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, практично, сами ги повлекоа од дневниот ред на 36.седница интерпелациите за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ, објасни денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, потсетувајќи дека опозицијата инсистираше на оваа седница да останат само законите што произлегоа од петтиот сет мерки.
Поточно, ВМРО-ДПМНЕ бараше овие три „антикризни закони“ да се разгледуваат како единствени точки на нова седница, по што беше постигнат договор само тие да останат на дневниот ред на 36. седница, а Владата и пратениците да ги повлечат другите предлозите што ги поднеле, вклучително со интерпелациите за двајцата министри, што ги поднесе опозицијата.
Во почетокот на денешната 39.седница, ВМРО-ДПМНЕ инсистираше дневниот ред да се дополни со интерпелациите за Маричиќ и за Николовски, но спикерот Талат Џафери дека тие се повлечени од процедура, така што во агендата остана само интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, што подоцна ја поднесе опозициската коалиција Алијанса/Алтератива.
„Во 30 – годишната работа на Собранието, односно откако постои Собранието, не сме виделе опозиција или кој било пратеник да достави интерпелации и да бара таа да биде тргната од дневен ред. На координациите и јавно во пленарна сала укажав на последиците од тоа што тие бараат да се случи, за денес да бидеме обвинети дека сакаме да ја замолчиме опозицијата. Ќе повторам, денес нека поднесат пак интерпелации, како што е по Деловникот, и тие ќе бидат ставени на седница и за нив ќе дискутираме на ден што тие ќе го одредат. Досега, во овој манда,т имаше една интерпелација на министерот Димитров што беше поставена на една од седниците. Денот за гласање и дискусија по интерпелацијата беше ден одбран од опозцијата, така што чекавме да дојде и да може да говори пратеник кој бил на патување“,
изјави Митревски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го обвини претседателот на Џафери дека прави се за да спречи на дневниот ред на денешната седница да се најдат интерпелациите за двајцата членови на Владата.
„Целта на овој начин на работење е да се замолчи опозицијата, да се претвори Собранието во институција која ќе биде слуга на тесните интереси на оваа коалиција за неправда“,
рече Мицевски.
Според него, граѓаните секојдневно се сведоци на зголемен степен на корупција и нема ниту еден чекор насочен кон реформа на правосудството.
Затоа е потребно час поскоро да се отвори седница за одговорност токму на министрите кои се надлежни во овие две области. Но претседателот на Собранието, спротивно на Деловникот, денеска правеше се за да се спречи седница со интерпелација на дневен ред. Веројатно заради реалноста која сите ја гледаат, мнозинството прави се за да не се оддржи седница за интерпелација. Ова однесување е неодговорно, спротивно на сите демократски начела“ ,
рече Мицевски.