Претседателот на Собранието уверува дека на денот на изборот на техничката влада, собраниската галерија била еднакво достапна за сите новинари, иако во дел од медиумските извештаи тој ден, како, на пример, на ТВ Телма, можеше да се слушне дека нивниот известувач седнал во редот веднаш зад гостите од Косовo и од Албанија, но собраниското обезбедување му кажало да се премести
Митрески не сакаше да одговори директно дали му се допаѓала атмосферата што тој ден владееше во парламентот
По престојот на новинарите од Косово и од Албанија во македонскиот парламент на денот на изборот на техничката влада, ВИП-третман што го добија и отпоздравувањето со кандидати за министри, претседателот на Собранието, Јован Митрески, уверува дека немало привилегирани новинари тој ден.
Митрески, кој како нов шеф на парламентот претседаваше со собраниската седница на 28 јануари, тврди дека дал налог собраниската галерија да се отвори еднакво за сите новинари затоа што немало најавено присуство на дипломатски претставници или на луѓе од кабинетот на претседателот на државата. Тој вели дека не знае во каква улога биле дојдени гостите од Косово и од Албанија, кои ја засилуваа еуфоријата на ДУИ за изборот на Талат Џафери за премиер.
„Јас не знам која била нивната улога, како што информиравме претходно, имаше и реакција од Здружението на новинари на Македонија и со допис од Кабинетот одговоривме на тоа. Сѐ што може да биде присутно во галеријата е новинари што имаат соодветни акредитации. Такви акредитации имаа сите присутни во галеријата на Собранието. Пред самиот почеток на седницата бев известен од службите дека има голема заинтересираност, прашав дали има најава за присуство на странски гости, претежно амбасадори коишто во некои случаи доаѓаат да следат седници. Прашав дали се присутни од кабинетот на претседателот, коишто исто така имаат свој простор во галеријата. Кога добив информации дека нема други гости, дадов налог да се отвори целосно галеријата за да се обезбеди присуство на сите новинари, уредници, камермани, за следење на седницата. Фактички, такви случаи сме имале претходно за седници кои будат голем интерес кај јавноста. Имало случај за присуство на странски медиуми кога се гласало отворањето на Уставот, поврзано со Преспанскиот договор, кога се гласале заклучоците по францускиот предлог, претежно кога се избираат нови влади, така што, таа беше мојата одлука што ја донесов, за да се обезбедат услови за сите уредници, новинари, камермани, да може да имаат соодветни услови да пренесуваат тоа што се случува“,
кажа Митрески.
Собранискиот спикер уверува дека галеријата била достапна еднакво за сите медиумски работници, иако во дел од медиумските извештаи тој ден, како, на пример, на ТВ Телма, можеше да се слушне дека нивниот известувач седнал во редот веднаш зад гостите, но собраниското обезбедување му кажало да се премести.
360°: Вашата одлука да го отворите и тој дел од галеријата се однесуваше само на гостите од Косово и од Албанија или на сите новинари?
Митрески: Не, не, воопшто. Таа информација ја добив 10-15 минути пред почнување на седницата, фактички пред моето симнување долу во пленарната сала и тогаш дадов налог да се отвори комплетно.
360°: Ве прашувам ова бидејќи еден наш колега, од Телма, којшто известуваше тој ден од седницата на парламентот, извести дека лично седнал на редот зад гостите од Косово и од Албанија и дека собраниското обезбедување дошло и го избркало, со послободен речник да се изразам.
Митрески: Таа информација ја добив и веднаш го повикав надлежниот за собраниското обезбедување. Беше демантирано дека такво нешто се случило од собраниското обезбедување, дури ги прегледавме и камерите на видеонадзорот, не се гледа дека некој од обезбедување влегол и тргнал некого на место на седење во Собранието. Дали имало некакво друго протоколарно движење, во смисла на присуство на луѓе од кабинетот на претходниот претседател – е друга работа. Меѓутоа, она што е моја надлежност во Собранието како претседател, беше само тоа – да се отвори за сите новинари, сите уредници, сите камермани. Таму нема ниту обележје кој каде да седи. Таа ми беше целта и тоа го направив.
360°: А, го контактиравте ли колегата од Телма да го прашате на што конкретно приговара, бидејќи сега ние ја немаме неговата страна, вие ја кажувате само страната од вашите проверки?
Митрески: Не го контактирав директно, ме информираа ваши колеги – новинари, мислам дека имаше од други телевизии, не се сеќавам дека некој од Телма ме информирал, меѓутоа ова се информациите што ги добив од собраниското обезбедување. Јас овде би дополнил – до собраниското обезбедување дадов налог на сите седници да биде отворена галеријата комплетно, кога имаат информации дека нема присуство на странски делегации или кога нема присутни од кабинетот на претседателот на државата.
Комплетното „отворање“ на собраниската галерија за новинарите и тоа за сите наредни седници кога ќе нема дипломатски претставници не е пост-фестум реакција по инцидентот од 28 јануари, тврди Митрески. Така одлучил по досегашната координација со новинарите, па решил да им обезбеди пристојни услови за работа.
Митрески не сакаше да одговори директно што мисли за атмосферата во парламентот за време и по седницата за избор на техничката влада.
360°: Вам ви се допаѓаше атмосферата тој ден од парламентот?
Митрески: Во која смисла?
360°: Па, видовме слики на славење, веројатно во еден од кабинетите во Собранието кај пратениците од ДУИ, ете, поздравувањето на дел од нашите колеги од Косово и од Албанија со, во тој момент, кандидати за министри?
Митрески: Јас кога влегов во пленарната сала, кога ја отворив седницата, такви работи немаше. Не сум видел некакви поздравувања внатре во салата. Баш цело време бев тука и ја следев ситуацијата, такви работи немаше. Дали мене ми се допаѓало или не, не е важно, на крај, нека ценат граѓаните. Јас знам при изборот мој за претседател, како сум дошол во Собранието и како сум заминал. Ценам дека тоа е исправно, така сум направил. Дојдов со моето возило, како што впрочем сум доаѓал секој ден. Дојдов, бев избран, направивме примопредавање со претседателот Џафери, така и заминав. Кој како се однесува, нека ценат граѓаните. Јас не можам да кажам дали мене лично ми се допаѓа или не. Тоа е лично чувство и секој сам си ја носи одлуката.
На 28 јануари, со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието ја изгласа техничката влада по двочасовна пленарна дискусија, а премиер стана Талат Џафери од ДУИ.
Истиот ден, порталот „Икс“, преку сторијата на новинарот Фуркан Салиу, објави дека четворица новинари од Косово и од Албанија, како ВИП-гости на ДУИ, цел ден се превезуваат со службени возила од Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби. Според сторијата на „Икс“, прво пиеле виски и пушеле цигари во канцеларијата на Али Ахмети, а потоа ги зазеле столчињата во ВИП-ложата во пленараната сала на македонскиот парламент.
„Мислевме дека ДУИ како домаќин само сака да им направи чест на гостите од Албанија и Косово, но испадна добро организиран план за пропаганда. Од утрово Талат Џафери беше придружуван од Адриатик Келменди. Материјалите се споделуваа од портали блиски на Груби, а целата операција ја координираше самиот тој“,
кажа новинарот на портал „Икс“, Фуркан Салиу, во видеосторијата покажувајќи десетици идентични објави на портали кои важат за блиски до ДУИ.