ВМРО-ДПМНЕ веќе побара претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја врати информацијата за предлог-преговарачката рамка до Владата како нецелосна бидејќи таа е испратена само како информација без пропратните документи. Слична порача испрати и владиниот коалициски партнер, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, според кого, Џафери не може да ја прифати информацијата од владата бидејќи не ги задоволува деловничките критериуми за да може да се расправа за таа точка. И тој, како и опозицијата, побара да се објави и протоколот
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој присуствуваше на една од блокадите на патиштата низ државата против францускиот предлог, во изјава за медиумите порача дека Собранието нема никаква улога во одлуката околу предлогот бидејќи тоа е во надлежност на Владата.
„Власта на еден нетранспарентен, нехуман начин сакаат таа нивна консултација со сите општествени структури да ја пренесат во парламентот, но сакам да порачам дека парламентот не одлучува во овој момент апсолутно ништо. Ова е една парада, еден театар, за да направат чек-листа од владата дека навидум има некакви консултации во Собранието, но знаете дека таму мнозинството е нивно. И овој пат само за да покажат пред Европа дека нешто еве и Собранието има улога. Собранието нема никаква улога бидејќи ова е меѓувладина конференција затоа нека престанат со манипулации и со лаги“,
рече Мисајловски.
Тој побара да биде објавен и протоколот што треба да го потпишат владите во Скопје и Софија.
„Овој македонски народ треба да го види тој протокол што го кријат, никој не знае што се преговара“,
рече Мисајловски.
И неговиот сопартиец, пратеникот Драган Ковачки кој присуствуваше на блокадата пред владината зградата во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање ја обвини власта за предавство со оглед дека не го објавува протоколот.
„Тој фамозен протокол и ние во Собранието сè уште чекаме да го видиме, факт е дека кога нешто се крие, станува збор за големо предавство и тоа не смее да помине“,
рече Ковачки.
Претходно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја врати информацијата за предлог-преговарачката рамка до Владата како нецелосна бидејќи таа е испратена само како информација без пропратните документи.
Слична порача испрати и владиниот коалициски партнер, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, според кого, Џафери не може да ја прифати информацијата од владата бидејќи не ги задоволува деловничките критериуми за да може да се расправа за преговарачката-рамка.
„Не е упатно пратениците да немаат вкупен материјал пред себе за да може да разговараат, а Владата чека поддршка. Сугерирам Информацијата да се обликува како што треба согласно Деловникот и во прилог да бидат трите документи – Предлог-заклучоците на Советот на Европа, воведната изјава на Советот на ЕУ и Преговарачката рамка. И независно од тие три, мора сите да го видиме протоколот кој е усогласен, можеби веќе одобрен од министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, бидејќи во тој протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува Македонија. Нема потреба да се крие од јавноста, да се отвори расправа за него, зашто тоа е пакет на документи што во основа треба да ги спроведува Република Македонија, независно оваа или некоја следна влада“,
истакна Трајанов.
Џафери, пак, во изјава за МИА, рече дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види. Тој најави дека за тоа кога информацијата за предлог-преговарачката рамка ќе се најде на пленарна седница ќе се разговара во понеделник на координација со пратеничките групи, на која како владин претставник ќе присуствува и вицепремиерот за европски прашања Владо Мисајловски.