Теренските активности во општина Чаир укажуваат на тоа дека Македонците тука се чувствуваат како граѓани од втор ред, а тоа не смее да биде така. Тоа е појава која што се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е власт, рече Владо Мисајловски при денешната посета на општина Чаир, со цел претставување на програмата на коалицијата за „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Мисајловски, како носителот на втората изборна единица од Чаир вети дека граѓаните на оваа општина повеќе нема да бидат изолирани, а тоа ќе се промени веднаш по 15 јули.
„Граѓаните на Чаир долги години се изолирани во работата на општината и за нив административните работи не одат како за сите други жители. Документите за легализација на имотите се расфрлаат по општински канцеларии и работите не се завршуваат, само поради тоа што Македонците во Чаир не гласаат за ДУИ или за некоја друга партија. На сето тоа мора да дојде крај. Наместо да се реализираат огромен број на вработувања во општина Чаир и другите институции во оваа општина, треба да се вложува во безбедноста и сигурноста на граѓаните. Не смеат партиските агенди да се извршуваат врз грбот на граѓаните“,
рече Мисајловски.
Тој додаде дека со теренските активности се уверил дека Македонците се повеќе се иселуваат од Чаир и зградите се празни.
„Албанскиот блок, иако во недостиг на аргументи и проекти пропагира решение за премиер Албанец, сепак од тука, од Чаир порачувам дека ВМРО-ДПМНЕ е дециден дека премиер на Република ќе биде Христијан Мицкоски и никој друг“,
рече Мисајловски.