Мисајловски додаде дека наредната година ќе се инвестира во најголем дел од капацитетите на МО, кои се во лоша состојба. Ќе се реконструираат Домот на АРМ, камповите во Охрид и во Дојран, како и еден хотел во сопственост на АРМ
Модернизација и опремување на Aрмијата, обезбеден услов од два процента од Буџетот за одбраната, како и зголемување на стандардот на вработените се трите столба кои се приоритет на Министерството за одбрана и АРМ, информира на денешниот брифинг со новинарите, ресорниот министер Владо Мисајловски.
„Во однос на буџетот би сакал да информирам и да истакнам дека условот за минимум два процента наменет за одбраната е испочитуван. Гледано во пари тој изнесува 329 милиони евра, од кои 32 процента, односно 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година, тоа се 18 милиони евра повеќе“,
истакна Мисајловски.
Модернизацијата и опремувањето, како што истакна министерот е процес, кој се реализира согласно плановите на Армијата. Испораката на сите 96 „ЈЛТВ“ возила и возилата „страјкер“ треба да заврши до крајот на годината, а исто така до крајот на 2025 треба да пристигнат и нарачаните системи „Боран“ и „Мистрал“.
Тој појасни дека во делот на модернизација влегуваат и осум хеликоптери.
„Тоа е најголемиот договор што го имаме во Министерството, потпишан на 249 милиони. Согласно договорот од крајот на следната година треба на одреден периодичен акциски план да пристигнуваат тие хеликоптери. Но, многу сме внимателни со овој договор. Ги разгледуваме сите оние детали, навистина ми е жал што ова денес ќе ви го кажам, но ќе ви го кажам. Пробуваме секој еден договор, секој еден документ да го погледнеме стручно да го реализираме. Но, она што во овој момент и повеќе месеци пробуваме да го добиеме и од сите служби, оние инволвирани, за да се склучи овој договор требаат две фази. Тоа сè е поминато на Влада и тука нема дилема. Првиот дел е технички аранжман помеѓу земјите, зборувам во тој процес помеѓу Македонија и Италија и вториот, кога пристапувате со договор со држава или со компанија да потпишете договор. За жал, ќе констатирам тука дека техничкиот аранжман што е потпишан помеѓу министрите не е заверен во Министерството и тоа е, еве вака, проблем што мора да најдеме начин како тоа правно да го затвориме, а од друга страна да продолжиме со онаа прва конференција со компанијата за потоа да започнеме ефективно да работиме на сите прашања и ова првпат го отворам тука пред вас, но мора правно детално во секој еден детал од договорот да се влезе. Зборуваме за огромен договор и зборуваме за домаќинско работење. Јас само така ќе работам“,
нагласи Мисајловски.
Тој истакна дека човечкиот капацитет е врвен приоритет и најави дека од следната година ќе почне постапка за прием на нови 300 војници.
„Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата, се разбира, ќе го погледне огласот и ќе се пријави. Со тој начин зголемуваме припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Продолжуваме и со прием до 60 граѓани со цивилни факултети, а исто така, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што е дополнителни вработувања се разбира за оние категории што се најпотребни во МО“,
рече министерот за одбрана.
Мисајловски додаде дека наредната година ќе се инвестира во најголем дел од капацитетите на МО, кои се во лоша состојба.
„Домот на АРМ, јас очекувам дека следната година ќе има една убава вест каде што ќе можеме да започнеме целосна реконструкција, која би се спровела етапно. Сега ги правиме проектите, но мораме да ги подобриме условите насекаде во Армијата. Модернизација пред сè, најмногу средства ќе се одвојат, над 32 проценти во Буџетот, но исто така Колективниот договор и сè она што е по закон да се исплаќа и се разбира да вложуваме во сите капацитети“,
појасни тој и додаде дека ќе се реконстуираат и камповите во Охрид и во Дојран, како и еден хотел во сопственост на АРМ.
Во однос на задолжителен воен рок министерот рече дека во овој момент не размислуваат на таа тема, бидејќи нема такви иницијативи.
На новинарско прашање за дополнителна помош за Украина, Мисајловски рече дека веќе ги информирал медиумите дека поминал еден пакет на затворена седница на Влада и дека сега се во фаза на завршување на таа постапка и потпишување меморандум.