Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Министерството нема можност да влијае врз, како што ги нарече, приватните оператори, но се бара правен механизам да се реагира.
„Не можеме да се договараме за унифицирани цени за тестовите во приватните лаборатории. Можеме да влијаеме на цените кои ги одредува Фондот, после тоа и инициравме една активност во договор со правниците од МЗ дали може да влијаеме на цените на приватен оператор и уште се работи на тоа. Се сложуваме дека треба да се ангажираме за тоа. Не е директно во наша ингереција, но ќе видиме дали може да се најде соодветен правен механизам“,
рече Филипче.
Ваквиот чекор е поради тоа што постојат реаквии од граѓани дека тестовите во некои приватни лаборатории чинат неколкукратно повеќе отколку во државните лаборатории.
За еден таков случај пред неколку дена пишуваше порталот Новатв.мк, пренесувајќи статус на Фејсбук една пациентка, во кој таа тврди дека тест за ковид во Систина до 15 часот чини 6 000 денари, после тоа 12 000 денари при што приложува и фактура и фискална сметка.
Во меѓувреме, зголемени се барањата за тестирања поради патувања или лекарски интервенции.
Според сведочења на пациенти, цените на ПЦР тестовите се движат од 3 950 за 48 часа, до 12 000, а некаде и над 14 000 денари за брз тест изработен за 8 часа.