Експресна реакција од Министерството за правда по изјавата на Христијан Мицкоски дека ќе го напуштат Собранието ако законот за амнестија се донесе со европско знаменце
По говорот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Струмица на конференцијата на Унијата на ветерани, каде што порача дека неговата партија ќе го напушти Парламентот ако законот за амнестија влезе во собраниска процедура со европско знаменце, експресно реагираа од Министерството за правда за да го демантираат.
„Неосновани се тврдењата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Законот за амнестија ќе се носи во скратена процедура со европско знаменце. Министерот за правда Кренар Лога уште од првиот ден, а исто така и на брифингот со медиуми кој се одржа минатата недела јасно кажа дека овој закон нема да се носи со европско знаменце и дека лично тој е против можноста од злоупотреба на европското знаме за носење на закони“,
се вели во соопштението до медиумите од Министерството.
Оттаму реагираат дека најголемата опозициска партија зазела став во празно, иако партијата била информирана за сите детали од самиот почеток.
„Законот за амнестија е ист како оној од 2018 година, со истите кривични дела за кои не е предвидена амнестија. Тој закон беше потпишан и поддржан од ВМРО ДПМНЕ. Колку и да сака ВМРО ДПМНЕ да амнестира свои поранешни избрани и именувани лица, таков закон нема да има“,
се вели понатаму во соопштението.
Министерството за правда реагира на најавите на Мицкоски за напуштање на Собранието, така што во соопштението до медиумите се вели „тоа е добредојдена вест за граѓаните на нашата држава“.
„Немањето став за битни прашања и политиките на блокада подобро се изразуваат со напуштање на Собранието и тоа е гест за поздравување од наша страна“,
стои во реакцијата од Министерството за правда.