Откако вчера вработените во Управата за водење матични книги протестираа пред Министерството за финансии, министерот Фатмир Бесими посочи дека Министерството не е институција која преговара со синдикатите, туку негова задача е обезбедување финансиски средства и проценка за тоа колку фискален простор постои за одржливи политики за исполнување на барањата. Бесими нагласи дека во 2022 година Владата покажала колку е направено во однос на економско-социјалниот дијалог, а оти и со овој Синдикат преговорите се во тек
Министерството за финансии не е адресата за протести на синдикатите ниту е институција која преговара со нив, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими откако вчера вработени од Управата за водење матични книги протестираа пред Министерството повторувајќи ги барањата за потпишување на колективни договори.
„МФ не е институција која преговара со синдикатите. Нашата задача е во однос на политиките – да се обезбедат финансиски средства, да кажеме колку има фискален простор за одржливи политики за тоа да се исполни. Вчера друг синдикат имал протести пред МФ, но МФ не е адресата“,
истакна министерот Бесими.
Тој посочи дека во ребалансот на буџетот го има она што е дефинирано, а оти не можат да се предвидат работи кои не се дефинирани.
„Од тие причини кажав дека во моментот се предвидуваат средства што се дефинирани – ефектот на минимална плата и усогласување, како и сите други политиките во однос на плати – седум отсто во високо образование, по пет отсто МВР и здравство, 15 отсто јавно обвинителство и судство и дополнителни 15 отсто во основно и средно образование кои беа преговарани во овој период“,
објасни Бесими.
Бесими нагласи дека во 2022 година Владата покажала колку е направено во однос на економско-социјалниот дијалог, а оти и со овој Синдикат преговорите се во тек.
„Дека е ветено нешто, тоа не можам да потврдам во однос на ребалансот, но дека се разговара, се разговара“,
додаде министерот.
Владата, потенцира министерот, има историја и факти дека пристапува сериозно кон преговорите и економско-социјалниот дијалог и доаѓа со решенија кои се одржливи.
Претходно вчера вработени во Управата за матични книги организирани од Независниот синдикат одржаа протест пред Министерството за финансии каде што ги повторија своите барања за потпишување колективен договор за кој постигнаа согласност со Министерството за правда, а со него се предвидува 30 отсто повисоки плати и 50 отсто од просечната плата за К-15.
На протестот посочија дека нивното трпение е при крај и ако не добијат одговор наскоро имаат намера да организираат голем протест.