Родители се жалат дека не можат да ги вакцинираат своите деца бидејќи ХПВ-вакцини нема од почетокот на годинава
Од Министерството за здравство за „360 степени“ велат дека во тек е постапка за набавка на ХПВ-вакцини, но нема прецизен одговор кога ќе бидат достапни за граѓаните.
Како што веќе објавивме, родители се жалат дека не можат да ги вакцинираат своите деца бидејќи ХПВ-вакцини нема од почетокот на годинава. На прашањата што ги упативме до Министерството ни одговорија дека во моментот е во тек постапка за набавка, но без детали кога тие ќе им бидат на располагање на граѓаните.
„Во моментот е отпочната постапка за набавка на вакцини за континуирана имунизација и имунизација по епидемиолошки индикации на населението во Република Северна Македонија од јануари 2021 до декември 2023 година, со која ќе се набават и вакцини против инфекции предизвикани со хуман папилома вирус (ХПВ)“,
велат од Министерството за здравство.
Тие додаваат дека во 2019 година е осовремен Календарот за имунизација со тоа што беа обезбедени четиривалентни ХПВ-вакцини, со кои се заменија дотогаш користените двовалентни вакцини. Но, нема детали колку валентни ќе бидат оние вакцини за кои постапката за набавка сега е во тек.
Родителите, пак, кои се обратија до нашата редакција се загрижени бидејќи овие вакцини им се препорачани од доктори, но и се дел од програмата за задолжителна имунизација на населението.
„Поради својата здравствена состојба, ќерка ми од пред два месеца има препорака од лекар да се вакцинира со ХПВ-вакцина. Оттогаш, значи два месеца, секојдневно ја барам вакцината низ здравствените домови. Никаде ја нема, ниту лекарите знаат кога би ја добиле. Станува збор за вакцина која многу родители ја одбија, плаќајќи и парични казни. Ние мораме да ја ставиме, сакаме да ја ставиме, но државата не ни ја обезбедува. Која иронија е тоа“,
ни рече загрижена мајка од Скопје.
Од Министерството велат дека четиривалентната ХПВ-вакцина штити од четири опасни типови хуман папилома вирусот. Покрај превенција од предмалигни генитални лезии, предмалигни анални лезии, канцери на грлото на матката и анални канцери, дополнително превенира и генитални брадавици.
Додаваат дека се спроведуваат и повеќе активности со цел подигнување на свеста за вакцинацијата со ХПВ-вакцината која претставува примарна превенција од ракот на грлото на матката, рано откривање на болеста, како и ефективниот третман.
„Се одржуваат онлајн предавања, се изготвува едукативен материјал кој е јавно достапен на веб-страницата на Институт за јавно здравје, Министерство за здравство, социјалните медиуми“,
велат од Министерството.
Од друга страна, пак, родители се револтирани бидејќи, иако вакцината им е препорачана како неопходна да ја примат нивните деца, повеќе од два месеца е недостапна.
„Во Македонија веќе требаше да ја има и 9-валентната, посовремена, наместо 4-валентната вакцина што ја имавме претходно. Сега, не посовремена, туку нема никаква, ниту за тие девојчиња на кои им е неопходна“,
вели родител.