За тоа како ќе тече школската година, со оглед на актуелната енергетска криза и дали таа ќе се одрази на училиштата, тој вели дека неговиот став е оти школите најмалку треба да бидат погодени од евентуални рестрикции бидејќи сите знаеме колку е значајно да се има настава со физичко присуство
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение наместо со учебници ја започнаа школската година со подготвителни материјали за првото тримесечје бидејќи учебниците сè уште не се готови.
Дел од нив веќе се одобрени, а дел дополнително треба да се одобрат, но министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека децата треба да добијат учебници многу порано пред да започне и второто полугодие.
„Затоа се и подготвителните материјали само за првото тримесечје“,
вели Шаќири.
Тој тврди дека уште од февруари се работи секојдневно за да има учебници, но има процедури кои мора да се запазат. Една од фазите што не е завршена е и избор на фирмата што ќе ги печати учебниците.
„Учениците во најдобар рок ги имаат добиено учебниците за шесто, седмо, осмо и деветто одделение. За прво, второ, четврто и петто одделение знаеме дека целата јавност бараше да се вратат печатените учебници. Постапките во МОН се водат максимално, Националниот совет за учебници е формиран во февруари, тие имаат направено повик за автори за учебниците. Некои веќе се одобрени и ја имаат завршено постапката. Потоа имаме постапка за избор економскиот оператор за печатење кој сè уште не е завршена. Изборот на економскиот оператор не е завршен, има уште неколку постапки кои треба да поминат“,
изјави министерот.
Во однос на тоа како ќе тече школската година со оглед на актуелната енергетска криза и дали таа ќе се одрази на училиштата, тој вели дека неговиот став е оти школите најмалку треба да бидат погодени од евентуални рестрикции бидејќи сите знаеме колку е значајно да се има настава со физичко присуство. Околу прашањето како ќе се менаџира и ќе се покриваат трошоците, според изјавата на министерот, веќе имало состанок со директорите на школите.
„Формирана е работна група од сите важни институции. Како МОН располагаме со податоците што ги имаме за општините. Што значи тоа? Колку од блок дотациите на општините се користат за плати. Ние имавме состаноци со директорите на основните училишта што подобро да се менаџира делот од средствата што ги има од блок дотациите за да немаме последици од енергетската криза. Но, понатаму со сите други институции работиме на план за училиштата да немаат последици од рестрикциите“,
рече Шаќири.
Учебната година денеска ја започнаа околу 255 илјади основни и средношколци во целата држава. По две години со рестрикции, таа стартуваше без антиковид-протоколи и без заштитни маски.