Бетел, кој вели дека со рускиот претседател Владимир Путин имал добри релации, токму поради своето руско потекло, за што посочи дека честопати бил и критикуван, порача дека на состанокот на ОБСЕ не сака да биде присутен додека трае говорот на министерот Лавров.
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Хавиер Бетел, ги собра сите аплаузи на Министерскиот самит на ОБСЕ денеска во Скопје, откако директно му се обрати на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, посочувајќи му дека Русија мора веднаш да ја запре војната во Украина.

Бетел, кој вели дека со рускиот претседател Владимир Путин имал добри релации, токму поради своето руско потекло, за што посочи дека честопати бил и критикуван, порача дека дека на состанокот на ОБСЕ не сака да биде присутен додека трае говорот на министерот Лавров.
„Никогаш не е доцна да видите дека сте направиле голема грешка. Запрете ја војната, невини луѓе умираат секој ден“,
порача Бетел.
На обраќањето на првата пленарна сесија на Министерскиот самит на ОБСЕ рече дека сака кусо да ѝ се обрати на руската делегација.
„Мојата баба беше Русинка, православна, мојот дедо беше Евреин од Полска, другата баба беше Французинка и атеист, а другиот дедо од Луксембург, католик. Имам во мене од сите овие различни нации, култури и религии“,
рече тој.
Ги потенцираше своите руски корени, но и контактите што ги имал со Путин.
„Можеби некои од вас ќе бидат во шок, но имав добри релации со Владимир Путин, со него имав добра соработка. На почетокот на војната имав и разговори со него, но и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. И многупати бев критикуван поради тоа“,
посочи Бетел.
Ѝ порача на руската делегација дека со нивното однесување уништиле сè што било изградено, и култура, политика, економија, релации.
„Сега блиски пријатели на Путин се Пјонг Јанг, Северна Кореја, Сирија… Меѓународната заедница не разбира што се случи. Но, сите гледаме кој е наративот од ваша страна. Да започнеш војна е лесно, но да ја завршиш покажува каков лидер сте. Никогаш не е доцна да видите дека сте направиле голема грешка. Затоа, не можам тука да седам и да го слушам говорот на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров“,
заклучи Бетел на крајот од говорот.
На крајот доби аплауз од голем дел од учесниците на Министерскиот самит.
Ковачевски на прашањето што значи присуството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерски совет на ОБСЕ во Скопје рече дека тоа не е дипломатска победа на Русија.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на организацијата. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продолжи да биде гарант за обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа“,
рече премиерот Ковачевски при пристигнувањето во салата „Борис Трајковски“.
Прашан за коментар околу недоаѓањето на многу министри кои не допатуваа во Скопје поради присуството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Ковачевски рече дека треба да бидеме свесни оти секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија која Русија ја изврши врз суверена држава, врз Украина.
Инаку, балтичките земји, како Естонија, Летонија и Литванија најавија дека ќе го бојкотираат Министерскиот совет доколку на него присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Истото го направи и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на Самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Министерскиот состанок започна вчера со неформалната вечера на поголемиот број министри, на која тема на разговор беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.
На неформалната вечера присуствуваа и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, кои си заминаа непосредно по вечерата.
Тие се разминаа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во Скопје пристигна доцна синоќа.