Муцунски беше единствениот министер од Западен Балкан присутен на настаните
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на покана на украинскиот министер Андри Сибиха и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, престојуваше во еднодневна посета на Лавов, каде што учествуваше на Министерскиот состанок за формирање специјален трибунал за злосторството против Украина и на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Како што информираат од македонското Министерство за надворешни работи, Муцунски бил единствениот министер од Западен Балкан присутен на настаните.

На состаноците, додаваат од МНР, била потврдена поддршката за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и за иницијативата за воспоставување правна одговорност за актите на агресија.
„Министерот Муцунски ја реафирмира принципиелната поддршка на нашата држава повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија и на заеднички ангажман за постигнување праведен и одржлив мир. Во рамки на посетата, министерот Муцунски, заедно со своите колеги, оддаде почит на украинските херои на гробиштата ‘Личајкив’ во Лавов“,
се наведува во соопштението на МНР.