Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу од денеска се во самоизолација.
Ова го објавија на своите Фејсбук профили. Манчевски вели дека тоа е поради контакт со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири , кој објави дека е позитивен на ковид-19, а со кого Манчевски се сретнал иако притоа биле почитувани сите мерки за заштита.
Градоначалникот на Чаир само објави дека е поради контакт со контакт со заболен од ковид-19.
„На овој начин сакам да ве информирам дека заедно со вас ја споделувам загриженоста за ситуацијата со коронавирусот. Воедно сакам да ве информирам дека од денска ќе останам во самоизолација бидејќи деновиве имав контакт со лице кое има позитивен резултат на ковид-19“,
објави вечерва Ганиу, истакнувајќи дека ќе се однесува онака како што предвидуваат здравствените протоколи.
Чаир со 11 заболени во изминатите 24 часа денеска е скопска општина со најмногу новозаразени. Министерот за здравство Венко Филипче неделава спомена дека оваа е една од општините каде е можно да биде воведен карантин поради зголемениот број заразени и непочитување на мерките за заштита од коронавирусот.
Претходно вечерва и Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата објави дека поради контакт со Зекири оди во домашна самоизолација, како и новинарката Душица Мрѓа која ја водеше дебатата на ТВ 24 на која беа Зекири и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој во меѓувреме се тестирал и тестото му бил негативен. Забрчанец и Мрѓа ќе бидат тестирани во текот на следната недела.