Kако што се приближува нивниот конгрес, немаат некоја симпатија кон Владата, а гледаме и противречни изјави кај в.д. претседателот на партијата. Така што, нема знаци на зближување на ставовите со владините политики за да станат дел од мнозинството, вели министерот за здравство од редовите на Алтернатива прашан дали деновите како министер му се избројани
За барањето на 11-члената група од чаирскиот огранок на Алтернатива за смена на Сали, министерот за здравство вели дека станува збор за мала група, чии ставови не предизвикале никаква внатрепартиска дебата
Министерот за здравство Беким Сали, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека Алтернатива, чиј кадар е тој, не очекува промена во владиниот состав односно влегување на Алијанса за Албанците во владејачката коалиција. Ова беше негов одговор на прашањето – дали деновите како министер му се избројани со оглед на најавите за влез на Алијанса во Владата, меѓу другото, со министер во ресорот што сега го раководи Сали.
„Според тоа што го гледаме на политичката сцена, не очекуваме некоја промена, бидејќи се зборуваше за вклучување на Алијанса за Албанците во владиниот состав, но сега, како што се приближува нивниот конгрес, немаат некоја симпатија кон Владата, а гледаме и противречни изјави кај в.д. претседателот на партијата. Така што, нема знаци на зближување на ставовите со владините политики за да станат дел од мнозинството“,
вели Сали.
Прашан за незадоволството искажано од 11 члена на Алтернатива од чаирскиот огранок (од каде доаѓа и лично тој), кои побараа негова смена од функцијата министер за здравство, Сали вели дека станува збор за мала група незадоволници, составена од лица што не ги реализирале своите лични амбиции, што било причина за јавните напади кон него.
„Ако ја видиме групата, само двајца имаат врска со здравството, а другиот дел нема врска со тоа, ниту контакти ниту придонес во здравство за да ја процени работата на еден министер, кој е назначен од највисокото партиско тело“,
кажа Сали.
Според него, лидерот на партијата Африм Гаши остварил средби со незадоволните припадници на огранокот, но на средбите немало конкретни обвинувања.
Прашан за обвинувањата од групата дека Сали не именувал одредени кадри за директори на клиники, министерот вели дека нивните политички определби не се совпаѓаат со можноста за ослободување на одредена клиника од коалицискиот партнер, а тој како министер што сака да развива здрави политики во македонското здравство, не можел да се согласи да назначи за директор доктор што не е од одредената клиника.
За информациите во јавноста дека зад сето ова стои главниот спонзор на партијата, Аднан Исмаили, кој сега дури и се заортачил со ДУИ, Сали вели дека не може да коментира кој од надворешните структури би можел да поттикне вакво нешто и дека може да зборува само за незадоволната група која имаше и прес-конференција.
„Тоа доби ек во медиумите повеќе отколку што реално предизвика внатрепартиско незадоволство. Бидејќи, повторувам, тоа е мала група која поради лични амбиции изразува групно незадоволство или незадоволство од реализирање на некоја национална цел, во врска со здравствените политики, што нема врска со вистината“,
кажа Сали.
Министерот вели дека во секоја партија незадоволството на едно лице може да предизвика серија незадоволства во партијата, но повтори дека ова не предизвикало никаква внатрешна дебата во органите на партијата и дека тоа незадоволство останува на индивидуално ниво.
„Пример, двајца од незадоволните имале постојана комуникација со мене и во ниту еден момент не изразиле незадоволство кон мене. А, незадоволство не изразиле ниту во органите на партијата. Тоа се направи со сценарио, што зборува за поттикнување од надвор, но не сакам да навлегувам во коментари кој можел да го направи, бидејќи за мене е губење време, трошење енергија за истражување кој, на кого и за какви цели“,
вели Сали.
Откако пратеникот Скендер Реџепи, кој беше дел од Алтернатива, ја напушти пратеничката група и се одлучи да делува независно, сега се поставува прашањето колку останатите двајца пратеници се со лидерот Африм Гаши, кој и самиот е пратеник во Собранието.
Сали вели дека нивната група е мала, но стабилна односно дека сите пратеници штоприпаѓаат на Алтернатива се дел од парламентарното мнозинство и дека во моментот се функционира во рамките на нормалата со практикување на политиките кои беа услов за влез на партијата во Владата.
„Отворате дебата на субјективизам, кој со кого колку е. Фактички, политичката партија Алтернатива има тројца пратеници кои се стабилни и се во таа мала група, како што спомнавте, на пратеници кои припаѓаат на Алтернатива и се дел од парламентарното мнозинство. Секој пратеник има право да се изјасни во моментот кога не се согласува со политиките на партијата која ја застапува и од која добил мандат, како независен или влегува во друга парламентарна група, можеби јавно или тивко“,
кажа Сали.
Прашан за тоа дали уште од сега се размислува за следните избори и за тоа како Алтернатива ќе настапи на тие избори, односно дали актуелната владина коалиција може да настапи во предизборна коалиција, Сали вели дека е рано за такви одлуки, но дека во предизборна кампања се е можно.
„Уште малку навршува една година од нашето влегување со министри во парламентарното мнозинство и Владата, секоја наша работа е дел од реализирање на ветувањата кои ќе бидат гаранција за продолжување за функционирањето како политичка партија и барање мандат за нов владин состав. Во врска со можните коалиции, се е можно во предизборна кампања, јавно се изјаснува подготвеноста за можна коалиција, но моментално е многу рано да се прецизира во каква форма, кој со каква порака и обврска за мандат може да излезе пред јавноста и да бара поддршка“,
вели министерот за здравство.