Министерката за одбрана го тужи за клевета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, за неговите јавни тврдења лани во ноември дека таа поседува хациенда со базен во скопската населба Радишани кои нелегално ги изградила и ги крие од јавноста. Таа првично бараше отштета од 10 000 евра, но денеска навести дека на крајот од парницата може да се повлече од барањето
Од другата страна, адвокатот на Ковачки, Панче Тошковски, изјави дека во случајот не станува збор за клевета, туку за прашања од јавен интерес што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ги отворил во јавноста и оти тоа јасно произлегува од доказите што ги приложиле до судот
Денеска во Граѓанскиот суд Скопје заврши подготвителното рочиште од судењето по тужбата за клевета што министерката за одбрана Славјанка Петровска ја поднесе против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Двајцата денеска не се соочија во судницата бидејќи на рочиштето не дојде тужениот Ковачки. Аргументите директно ќе ги вкрстат на крајот на ноември, за кога судот ја закажа главната расправа, со распит на Петровска и Ковачки како странки во постапката.
Министерката, која присуствуваше на рочиштето со својот адвокат Туше Гошев, го тужи Ковачки за, според неа, невистините што тој лани во неколку наврати ги изнесе во јавноста дека таа крие имот – хациенда со базен во скопската населба Радишани, која незаконски ја изградила.
„Денеска конечно завршија подготвителните рочишта и веќе на крајот на ноeмври е закажано главното судење. На барање на одбраната на тужениот се инсистираше на повлекување на распит на сведоци, меѓутоа со оглед на фактот, како што и претходно изјавив, а и сега изјавувам, дека нема што да кријам и дека доказите кои ги презентиравме до судот се доставени, се разбира, и до тужениот, се вистинити и се единствени докази кои го потврдуваат моето тврдење, а го негираат неговото. Побарав и инсистирав и јас пред судот да бидам распрашана за да одговорам на сите прашања кои изминатиот период ми беа упатувани во врска со овој предмет“,
рече министерката за одбрана по денешното рочиште.
Таа како сведоци ги предлагаше сегашните сопственици, на кои, како што објасни, им го продала имотот уште пред да стане министерка, како и директорот на Катастарот за недвижности. На денешното рочиште двете страни во спорот се договорија да нема распит на овие сведоци.
„Јас ги предлагав сведоците, односно сопствениците на имотот кои го имаат, кои располагаат со тој имот, за да потврдат дека никогаш јас ниту сум инвестирала ниту сум изградила објекти, како и директорот на Катастарот на недвижности, за да може да потврди за веродостојноста на доказите, меѓутоа во консултација со судот беше побарано да се повлечеме од распит на тие сведоци. Но, како што реков, останувам и инсистирав јас да бидам распрашана“,
изјави Петровска.

Од другата страна, адвокатот на Ковачки, Панче Тошковски, изјави дека во случајот не станува збор за клевета, туку за прашања од јавен интерес што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ги отворил во јавноста и оти тоа јасно произлегува од доказите што ги приложиле до судот.
„За нас како одбрана во оваа ситуација jасен е ставот којшто се надеваме дека судот ќе го утврди со пресудата, односно дека се запазени одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во делот на она што како основано сомнение пробудило сомнеж кај тужениот, а тоа е пред медиумите да отвори прашање од јавен интерес кое е значајно за граѓаните на Република Македонија. Тоа евидентно е дека го докажавме со сите оние писмени докази коишто се приложени во рамки на судската постапка. Така што, за нас е јасен ставот на судот којшто треба да биде утврден со пресудата, а тоа е дека во конкретниот случај битно е да се отвораат теми коишто се јавен интерес, важно е јавните функционери да се отчетни кон граѓаните, важно е јавните функционери да го запазат сето она што е пропишано со законот во делот на јавност, транспарентност итн.“,
изјави Тошковски по рочиштето.
Тоа, како што додаде, е само еден од чекорите кои треба да се преземат во едно демократско општество.
„Судот е тој што утврдува дали прашањата од јавен интерес се поважни од приватните прашања особено на јавните функционери“,
додаде адвокатот.

Инаку, со тужбата, Петровска како отштета од Ковачки бара парично помирување од 10 000 евра, но навести дека на крајот од парницата може да се повлече од барањето, бидејќи, како што рече, парите „ѝ се тотално неважни, особено што доаѓаат од нечесен човек“.
„Јас во првичната отштета побарував парично помирување, но тоа не значи дека ќе ги барам до крајот, затоа што тие пари ми се тотално неважни, особено што доаѓаат од нечесен човек којшто на ваков начин сака да влијае и да го наруши мојот углед, а не да се занимава со тоа што јас го работам. Очигледно дека неговите фрустрации од минатото му пречат во расудувањето и разумното размислување за денешницата, особено за успесите во Министерството за одбрана и Армијата. Меѓутоа, мојата задача е да бидам отчетна, транспарентна и пред граѓаните и пред медиумите и никогаш тоа нема да го заборавам“,
рече Петровска.
На прашање на новинарите, таа накратко се осврна и на наводите од Ковачки поради кои го тужи за клевета.
„Клеветата е сторена со тоа што неколку пати, не само на дебатата која ја имавме, односно дуелот меѓу нас двајцатa, туку и подоцна, последователно со неколку прес-конференции, изнесуваше невистини дека јас кријам од јавноста имот – хациенда со базен во Радишани и не сакам да ги пријавам и дека со тоа сум сторила прекршување на етичкиот кодекс, а со тоа и на законот согласно кои избраните функционери се должни да го пријават својот имот, како и тоа дека таа е бесправно изградена и тоа се веќе елементи на кривична одговорност. Се разбира, уште истиот момент јас тоа го негирав, објаснив кога сум го поседувала неизградениот имот, како сум го продавала и дека сосема други се сопствениците кои го изградиле имотот и, се разбира, управуваат со него. Беше посочено дека во еден период наводно доказите кои тие ги нудат или ги претставија пред судот биле избришани од Катастар, што не е вистина затоа што сето во оваа папка којашто јас ја понудив и веќе е доставена претходно до тужената страна се докази од Катастар“,
рече министерката за одбрана во изјава за медиумите.
Инаку, на рочиштето денеска адвокатот на министерката, Туше Гошев, побара судот да не прифати дел од доказите поднесени од одбраната на Ковачки, бидејќи, како што наведе, не можат да се третираат како јавни исправи.
„Ваков доказ, односно пописен лист, не може да биде доказ бидејќи не е јавна исправа и со него не можат да се докажат правата кои ги наведува тужениот. Имотниот лист од Катастарот за недвижности претставува јавна исправа каде точно се запишани сите носители на тие права во даден временски период“,
рече Гошев пред судот.
Со наводите на адвокатот не се согласи неговиот колега од спротивната страна, наведувајќи податоци од пописни листови од катастарска општина Радишани, кои, според одбраната, покажуваат кој го поседува имотот и изградениот објект на него.
Тој, освен барањето да нема вербални докази, односно да не бидат сослушувани сведоци, побара уште денеска да се премине на главна расправа. Ваквиот предлог судијката го одби со образложение дека за тоа се потребни поротници.
Откако тужителите се согласија да го повлечат предлогот за сослушување сведоци, судијката го закажа следното рочиште, односно почетокот на главната расправа, за 30 ноември кога ќе се врши распит на странките – министерката Петровска и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
На прашање на новинарите дали пратеникот ќе дојде на следното рочиште, неговиот адвокат беше дециден:
„Апсолутно, да“.