„Од предвидените 130 идни судии и обвинители кои треба да се запишат на Академијата, 100 се однапред познати, според ‘кронизам’ методологијата и тие писменото полагање на тестот ќе го поминат со максимум бодови. Реална трка за запишување во АСЈО ќе има само за преостанатите 30 места, за што во конкуренција се 200 кандидати кои не се на владините коалициони листи на СДСМ, ДУИ, Алијанса и другите помали партии“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во објава на социјалните мрежи
Измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители кои вчера ги најави Министерството за правда, а со кои треба да се овозможи квалификацискиот тест за новите кандидати освен во електронска, да се полага и во хартиена форма, е обид на партиите на власт на Академијата да се запишат 100 кандидати блиски до нив.

Ова го тврди пратеникот во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во објава на својот фејсбук-профил, кој почнува со реченицата: „Писмен испит за 100 однапред избрани судии“.
Инаку, полагањето на квалфикацискиот тест за прием на кандидати во 9. Генерација на Академијата за судии и јавни обвинители за почетна обука, заглави и сè уште не е спроведено, меѓу другото, и поради тоа што истече договорот за одржување на електронскиот систем за полагање испити во државните институции, меѓу кои Академијата, а тендерот за набавка на нов софтвер сè уште не е распишан и е во почетна фаза.
Поради ова, Владата на 26 декември на седница донесе заклучок со кој ги задолжува сите институции, меѓу кои и Академијата, кои имаат потреба од електронски испити да ги спроведат во хартиена форма, со електронски читач. Но, откако се појавија сомнежи дека ваквиот заклучок е во колизија со постоечките закони, вчера од Министерството за правда информираа дека се иницирани измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители со цел, како што велат, да се надминат проблемите со полагањето на квалификацискиот тест.
Пратеникот Милошоски во објавата на социјалната мрежа тврди дека најавените измени ќе бидат носени во Собранието по скратена постапка, со европско знаменце.
„Вчера Министерството за правда соопшти дека ќе го менуваат законот за Академијата за судии со злоупотреба на европско знаменце, за да се озакони писмено полагање на главниот тест за прием на новите 130 судии и обвинители. Изговорот е заради непредвидени проблеми во набавката на електронски софтвер за полагање на квалификацискиот тест во Академијата за судии. Но, оваа манипулација се побива со член 55 од Законот за јавни набавки, каде доколку е нешто итно, може да се направи итна и неодложна набавка и на електронски софтвер со преговарање, без јавен оглас. Плус, во Македонија има најмалку 7-8 правни лица кои имаат соодветен електронски софтвер и опремени простории за електронско полагање на испити, вклучувајќи го тука и самиот Правен факултет ‘Јустинијан Први’, Скопје“,
пишува Милошоски.
За разлика од електронското полагање, вели пратеникот, писменото полагање на квалификацискиот тест на Академијата значи човечко влијание, можност за манипулации, дополнително одговарање од страна на трето лице на неодговорените прашања и „доделување на максимум поени на владините фаворити за судии и обвинители“.
„Затоа, реакцијата на Министерството за правда значи дека владата во заминување сака пред распуштање на Собранието по секоја цена да си намести луѓе кои утре од позиција на обвинители и судии ќе треба да ги заштитат одговорните за скандалите во М-НАВ, Онкологија, за ‘Беса транс’, убиствата на Панче и Вања, за милионските тендери во РЕК ’Битола’, за двете евтини куќи во Тафталиџе 2, за ’Соравија’, за незаконитото работење на видеолотариите и за многу други скандали“,
вели пратеникот во објавата.
Милошоски во објавата тврди дека „зракот надеж во ова агресивно владино наметнување на ад-хок правила“ е што во раководните органи на Академијата за судии има неколку поединци кои не сакаат да си го извалкаат интегритетот и не сакаат да го аминуваат овој владин „кронизам” за инсталирање на марионети во правосудството.
Таквите совесни поединци, наведува пратеникот, се свиркачите чии информации го разобличуваат брзањето на власта со злоупотреба на европското знаменце да го озакони писменото полагање на главниот испит.
Според информациите на изворот од Академијата на кој се повикува пратеникот, коалицискиот договор меѓу владините партнери предвидува од вкупно 130 идни судии и обвинители на Академијата да бидат запишани: 25 од листата утврдена од страна на ДУИ, 20 од листата на Алијанса на Албанците, 45 од листата на СДСМ и 10 од помалите коалициски партии.
„Останатите 30 судии и обвинители ќе бидат избрани од најдобрите меѓу преостанатите 200 пријавени кандидати. Значи од предвидените 130 идни судии и обвинители кои треба да се запишат на Академијата, 100 се однапред познати, според ‘кронизам’ методологијата и тие писменото полагање на тестот ќе го поминат со максимум бодови. Реална трка за запишување во АСЈО ќе има само за преостанатите 30 места, за што во конкуренција се 200 кандидати кои не се на владините коалициони листи на СДСМ, ДУИ, Алијанса и другите помали партии“,
вели Милошоски.
Според него, во следните денови се очекува предлогот за измена на Законот за АСЈО со европско знаменце да помине на Влада, а потоа експресно да стигне во Собранието.
„Целта е Законот да се изгласа по скратена постапка преку Комисијата за европски прашања, за до крајот на јануари да може да се организира фиктивното писмено полагање на квалификацискиот тест за судиите и обвинителите, од кои 100 се веќе однапред утврдени“,
вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за правда Кренар Лога вчера во изјава за ТВ Телма ги негираше информациите дека целта на измените на Законот е за идни судии и јавни обвинители да се протнат нечии деца и роднини.
„Законските измени се со цел да нема застој во процесот и да продолжи генерацијата. Нема никаква скриена позадина. Причините поради кои се оди со законски измени се објективни. Не беше предвидено дека ќе има проблем со тендерот. Не можевме да знаеме дека ќе излезе ваква ситуација“,
изјави Лога.

Инаку, како што информираа вчера од Правда, предлог-законот за измена на Законот за Академија на судии и јавни обвинители содржи четири члена.
„Со членот 1 се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди“,
се наведува во соопштението од Министеството за правда.
Објаснувањето оттаму е дека кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција, како настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за негово спроведување, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.
Својот став за ова прашање, поконкретно за заклучокот на Владата од 26 декември, вчера го кажа премиерот Ковачевски, кој не негираше дека тој излегува од рамките на постоечкиот закон, оставајќи простор дека тоа може да се промени. Тој, накратко критички се осврна и на Академијата за судии и јавни обвинители, за што рече:
„Да бидам искрен, не сум имал контакти со Академијата за судии и обвинители. Имам свое мислење за таа Академија, каде што кога ќе ги погледнете кандидатите коишто обично поминуваат, презимињата можете да ги погодите и на сон во три наутро. Така што, прашања треба да се постават на сите адреси, не само на една адреса“,
кажа вчера Ковачевски.

Инаку, за спроведување на тендерот за набавка на софтвер за полагање на испити во државните институции е надлежно Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Оттаму вчера за Телма навеле дека во ноември, два дена пред да истече договорот со фирмата која го добила претходниот тендер, министерот Азир Алиу добил овластување од Владата да потпише Анекс на договорот. Од Министерството побарале од сите 12 институции кои имаат потреба од софтвер за полагање испити да дадат согласност, бидејќи се работи за групна набавка, но не сите дале позитивно мислење, поради што и не бил потпишан Анекс на договорот.
Државните тестирања беа кратко во застој и во 2021 година, откако беше отворен случајот „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Тогаш обвинителството запленило дел од компјутерите на фирмата „Инвока група“ која го имаше тендерот за тестирања во 13 државни институции меѓу кои и Академијата за судии и јавни обвинители.