На прашањето дали постои слух кај меѓународната заедница за едно вакво решение да помине кај нив, Милошоски беше дециден дека кога постои политичка волја, постои и можност за тоа
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ в недела и официјално ќе ја претстави својата програма за претстојните избоори, а во неа ќе биде јасно наведено како партијата ќе се позиционира во однос на Европската Унија и како ќе ја придвижи сегашната состојба внатре, изјави во вечерашното гостување во Дневникот на Сител, пратеникот Анотнијо Милошоски.
Како што посочи тој, целта на ВМРО-ДПМНЕ е прво да ја зајакне Македонија внатрешно, да ги подигне стандардите во борбата против корупцијата и криминалот на едно повисоко ниво, како и функционалноста на институциите.
„Но исто така и во однос на оние политички обременувања на процесот коишто беа преземени од сегашната влада, а во однос на барањата на соседна Бугарија, ние во програмата и официјално ќе го наведеме нашиот предлог за одложено дејство и одложена примена на било кое барање поврзано со македонскиот Устав, односно ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи максимални напори, доколку постои интерес во рамките на ЕУ, процесот на проширување да продолжи, и тоа е во интерес на соседните држави земји членки на ЕУ, тоа што се бара од Македонија за да го направи патот поизвесен, наместо да се бара на почетокот на преговорите и потоа да имаме неизвесност за втора, трета или петта блокада, да се помести на крајот од преговорите. Така ние би биле мотивирани да стигнеме побрзо до Копенхашките критериуми, Бугарија би била мотивирана да не нѐ блокира, наместо тоа да нѐ поддржи, а Европската Унија би имала еден посигурен партнер којшто ќе сака да стане членка на ЕУ. Тоа е една од опциите којашто ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи максимални напори да ја оствари“,
изјави Милошоски.
На прашањето дали постои слух кај меѓународната заедница за едно вакво решение да помине кај нив, Милошоски беше дециден дека кога постои политичка волја, постои и можност за тоа.
„Кога ќе создадете повеќе пријатели, имате подобра репутација внатрешнополитички како држава, тогаш се зголемуваат шансите тоа и да го постигнете. Тоа го видовме во случајот со Украина кога за првпат се примени еден т.н. модел на конструктивна апстиненција при гласањето, каде што Унгарија не беше присутна во моментот на носењето на таа одлука, а сега го гледаме и со БиХ, кога се има политика волја да се направи прогрес во самиот процес на евроинтеграција на регионот. Затоа сметам дека новата влада ќе треба да вложи максимални напори за ова да се постигне. Не викам дека ќе биде лесна задача, но според мене, исто така, не би рекол дека е неизводливо“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на кандидатските листи за пратеници, Милошоски рече дека тие во добар дел се усогласени, „единствено она што ни преостанува е два-три дена да ја затвориме коалицијата со нови коалициони партнери“.
„И тоа што имам да го соопштам сега, како што би рекол, одредена новост е дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде проширена со во моментов седум политички партии, коишто до вчера биле во коалиција со СДС, а сега преминуваат во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За два-три дена очекуваме одлука од уште една политичка партија. Значи, би биле вкупно осум политички партии“,
истакна Милошоски.
Тој додаде дека тоа е сигнал оти коалицијата на СДС веќе не е привлечна.
„Тоа е сигнал дека коалицијата на СДС веќе не е привлечна. И сите овие помали политички партии коишто доаѓаат, доаѓаат со една заедничка, би рекол, реченица – разочараност од Владата затоа што сметаат дека државата ја водат во погрешна насока“,
појасни Милошоски.
Тој посочи дека тие партии се Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија, ТМРО, Достоинство. И се очекува одлуката на уште еден довчерашен коалициски партнер на СДС.
„Во овој концепт којшто го гледаме е дека прво постои интерес и нас ни годи тоа што постои интерес за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, сепак тоа дава сигнал дека овие партии препознаваат на каде се движи политичката тенденција во државата. А, второ, заедничкиот именител со овие партии е дека да, имало грешки од наша или од нивна страна во минатото, но дека сега е дојдено време за обединување. Обединување за интересот на Македонија“,
порача Милошоски.