Техничките министри ќе учествуваат на седниците на Влада, а ние нема да гласаме за Талат како премиер затоа што тој во Собранието покажа дека не го почитува Деловникот, не ги почитува законите и за прв пат Македонија заради Џафери има нецелосна Државна изборна комисија, рече Милошоски

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски вели дека по изборите на 8 мај ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во позиција да го одбира коалицискиот партнер, а не коалицискиот партнер да ги одбира нив.
„Според анкетите и сондажите кои што ги имаме на терен ВМРО-ДПМНЕ ќе има од прилика два пати повеќе пратеници во споредба со СДС. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во позиција да одбере коалиционен партнер врз основа на тоа што ќе го понудиме како програмски определби за подобрување на состојбите во Македонија“,
истакна Милошоски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Милошоски додаде дека политичка цел на ВМРО-ДПМНЕ е да има сериозна граѓанска изборна поддршка за да може да биде независна и да формира Влада без ДУИ.
„И затоа сметам дека ликови како Талат Џафери, Рамиз Мерко, Артан Груби и други не би имале место во било каква Влада“,
рече Милошоски.
За информациите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека во моментот со никој не се разговара за коалицирање, но дека има сигнали од сите страни, па дури и од луѓе од раководството на ДУИ, Милошоски рече дека може да го потврди ставот на Христијан Мицкоски.
„Во Собранието комуницираме со сите пратеници без разлика кој е во опозиција, на власт, припаѓа на ДУИ, БЕСА, СДСМ, ЛДП или НСДП. Се гледа дека и во пратеничката група на ДУИ има поединци на кои што им е јасно дека смената на власта доаѓа, а дека времето на Артан Груби и на Рамиз Мерко поминува. Таквите поединци веројатно имаат расположение да направат комуникација за после изборите да се понудат за соработка, а дали тоа ќе се случи или не, не би можел да прејудицирам“,
додаде тој.
За гласањето на техничката влада, Милошоски посочи дека Талат Џафери не заслужува да биде гласан затоа што во Собранието досега покажа дека за него не важат ни Деловник ни закони.
„Техничките министри ќе учествуваат на седниците на Влада, а ние нема да гласаме за Талат како премиер затоа што тој во Собранието покажа дека не го почитува Деловникот, не ги почитува законите и за прв пат Македонија заради Џафери има нецелосна Државна изборна комисија. Не го испочитува правото на опозиционите партии од албанскиот блок да кандитираат член на ДИК“,
додаде Милошоски.
Во однос на изборот на министрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, Милошоски истакна дека тоа се тимски избори, а министрите се доволно искусни за да одговорат на задачата.
„ВМРО-ДПМНЕ работи тимски. Панче Тошковски идниот технички министер за внатрешни работи е дел од правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ која ја предводеше и за многу законски решенија кои сме ги работеле ни давал совети, сугестии, одредени анализи. Истото се однесува и за другите кандидати. Ѓоко Велковски има осумгодишно искуство во министерството за труд и социјална политика и исто така е внатрешен ревизор, и многу работи кои се поминувале во Собрание ни давал сугестии. Ова е тимски избор на ИК сметам дека овие луѓе со својата способност и капацитет можат да ја оправдаат својата улога во техничката влада“,
рече Милошоски.
Тој во текот на своето гостување исто така рече дека секој странски дипломат во принцип е должен да ја почитува изборната волја на народот.
„Нашата порака е следна, прво дека секој странски дипломат во принцип е должен да ја почитува изборната волја на народот. Во Македонија очекуваме таа изборна волја да донесе до демократска смена на власта. И после демократската смена на власта очекуваме поддршка од сите земји со кои што имаме плодна соработка вклучително и САД, Германија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија и многу други. Нашата порака до нив е дека ВМРО-ДПМНЕ не е во позиција да прави непринципиелни чекори со цел да ги поправа грешките кои ги направиле СДСМ и ДУИ“,
рече тој.
Милошоски додаде дека поради неспособноста на СДСМ и ДУИ, Македонија се соочува со многу проблеми на правосудно ниво, во владеење на право, во образование, во здравството, висока корупција.